Македонија
18. July 2024 - 11:13

Собранието ја закажа седницата за замениците-министри за 23 јули

Собранието ја закажа седницата за замениците-министри во Владата за 23 јули, со што целосно би се комплетирал владиниот тим. Како што се посочува на собраниската веб-страна, седницата е закажана за во 11 часот, со дневен ред од три точки.

Освен точката за именувањето на замениците-министри, на дневен ред е и Предлог на законот за изменување на Законот за здравствената заштита - прво читање, со кои се укиннуваат економските директори во јавните здравствени установи и болници  и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

За заменик министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили. Исмаили е дипломиран економист. Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска Пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралство Белгија.

За заменик министер во Министерството за внатрешни работи се предлага Астрит Исеини. Исеини завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на Науки по Кинезиологија, вонреден професор. Во моментот е вонреден професор на Тетовски универзитет и на Факултет за Биотехнички науки во Битола.

За заменик министер во  Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Деребан е магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит. Од 2014-тата година има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.

За заменик министер во  Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа. Мустафа е дипломиран професор по филозофија. Од 1996 до 2002 година бил градоначалник на Општина Шуто Оризари. Потоа бил дел од македонското собрание како пратеник, а од 2006 до 2017 година е назначен за Министер без ресор – Национален координатор на Декадата и Стратегија за Ромите.

За заменик на министерот во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се предлага Зоран Димитровски. Димитровски е магистер на политички науки, а има долгогодишно работно искуство во медиумите, како главен и одговорен уредник. Димитриевски од 2020 до 2023 година бил избран за заменик министер за локална самоуправа.

За заменик министер во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков. Трајков завршила на Универзитет Св. Климент Охридски Битола, и се здобила со титулата доктор на економски науки. Од 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. А од 2019 година е избрана за доцент на Универзитет Скопје.

За заменик на министерот во  Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски. Јанкуловски е доктор на економски науки, а во моментот е редовен професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Има издадено повеќе домашни и меѓународни публикации.

За заменик на министерот во Министерството за економија и труд се предлага Марјан Ристески. Ристески е дипломиран економист, од 2005 до 2017 година бил градоначалник на Општина Прилеп. Добитник е на неколку меѓународни и домашни признанија.

За заменик на министерот во  Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се предлага Мирослав Лабудовиќ. Лабудовиќ е магистер по електротехника и информациски технологии. Од 2022 година е менаџер на инженеринг во Корпорацијата Теламон.

За заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предлага Флакрон Беџети. Беџети е професор по политички науки на Универзитет Мајка Тереза Скопје. Тој има долгогодишно работно искуство во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Република Северна Македонија. Бил државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, а во моментот е раководител на одделение за претставки и предлози, Правен сектор.

За заменик на министерот во Министерството за здравство се предлага Јовица Андовски. Андовски е дипломиран економист, од 2011 до 2017тата година бил заменик министер за здравство. Тој бил В.Д. Директор на Секретаријатот на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и национален координатор на SEEHN на Република Северна Македонија.

За заменик на министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу. Алиу е доктор на филолошки науки. Тој е редовен професор по предметот Методика на наставата по албански јазик, Литература за деца на Педагошки факултет „Свети Климент Охридски” Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј – Скопје”. Од 2023 до 2024 година бил Продекан.

За заменик на министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади се предлага Ѓоко Велковски. Велковски е дипломиран економист. Има долгогодишно работно искуство во Министерството за труд и социјална политика, бил Секретар на Град Скопје, а во последната техничка Влада беше технички министер за труд и социјална политика. Од 2013 до 2024 година бил советник во Советот на Општина Чаир.

За заменик министер во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими. Селими е магистер по политички науки. Од 2009 до 2014 година бил советник во кабинетот на министерот без ресор. Од 2014 до 2024 година бил државен службеник во Генералниот секретаријат на Владата, а од 2017 до 2024 година бил советник во Советот на Град Скопје.

За заменик министер во  Министерството за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани. Сулејмани има завршено Педагошка Теологија на  Универзитет Улудаг – Бурса во Турција. Бил заменик министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно административна поддршка на општинскиот инспекторат.

За заменик министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски. Настасијевиќ Варџиски е магистер на економски науки  – отсек маркетинг менаџмент, а од 2019 до денес работи во Општина Куманово.

За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Јаќимоски е вонреден професор на Правен факултет – Кичево, Универзитет Св. ,,Климент Охридски” Битола. Има издадено повеќе домашни публикации.

За заменик на министерот во  Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи Шаќири. Зеколи Шаќири е доктор на науки. Од 2016 до 2023 година е професор на Универзитетот Мајка Тереза, Факултет за социјални науки, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д декан.

За заменик на министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање се предлага Ане Лашкоска. Лашкоска дипломирала на Природно математичкиот факултет во Скопје и се здобива со титулата инженер по хемија. Лашковска беше долги години пратеник во македонското Собрание.

За заменик на министерот во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини. Садики Шаини е инженер по Информатика на Природно – математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде што од 2012-2019 била вонреден асистент по информатика. Таа била пратеничка во парламентарниот состав 2020 до 2024 година. Од 2020 година е асистентка по информатика на Универзитетот Мајка Тереза.