Собранието ја продолжи расправата за извештајот на ЕК
Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи расправата по извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2015 година.
За опозицијата, извештајот е слика на објективната состојба во која се наоѓа државата и со него се потврдуваат сите нивни наоди дека не се почитуваат ниту Уставот, ниту законите. Пратениците од власт посочија дека Македонија сепак има препорака, иако таа е условена, а според нив главен виновник за ваквиот извештај е однесувањето на опозицијата која креирала кризи.
Софија Куновска од СДСМ рече дека условената препорака значи дека практично нема препорака. Белег на извештајот, додаде таа, е и тоа дека бележиме напредок во прилагодувањето на домашното со меѓународното законодавство, но оти имаме слабости во имплементацијата.
Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека актуелната Влада со спроведувањето на реформите е заслужна за последователните шест извештаи во изминатите години, а оти последниот извештај е условен поради однесувањето на СДСМ. Таа додаде дека од 33 поглавја во извештајот, напредок нема само во две поглавја, а како позитивни се истакнуваат отворањето на 10 нови технолошко развојни зони, пакетот мерки за поттикнување на вработувањето, макроекономската политика...
Според Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците, обидите да се оквалификува извештајот како негативен или позитивен е апсолутно погрешен.
- Ова е обемен извештај во кој се нотирани сите постигнувања, слабости и недостатоци. Се работи за материјал којшто треба добро да се анализира и проучи и согласно на тоа да се преземат мерки. Оттука, ниту е во право опозицијата кога вели дека извештајот е негативен, ниту позицијата кога вели дека тој е добар. Извештајот е онаков каков што е и ние како таков сме го прифатиле и согласно констатациите од извештајот во следниот период треба да го спроведеме, но притоа да го смениме начинот на размислување и дефинитивно да сфатиме дека ако има прашање по коешто во оваа држава е постигнат етнички и политички консензус тоа е членството во ЕУ и НАТО, рече Хасипи.
Расправата по оваа точка од дневниот ред ќе продолжи по редовната пауза.
Ново на Сител
-
Што ги тера возачите да дивеат на улиците?
-
Наколната населба во Дојран една од најбогатите и најразвиени на Балканот
-
Пожарите пустошија големи површини шума - никој не е казнет
-
Дигитална трансформација на водните услуги во ЈКП-ЈА
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Диме Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари
-
Трајановски најавува градежна офанзива во патната инфраструктура
-
Трет ден комисиска расправа за предлог-буџетот за 2025 година