Македонија
17. November 2024 - 16:29

Дигитална трансформација на водните услуги во ЈКП-ЈА

Дигитализацијата е основа за модерно функционирање на јавните комунални претпријатија. Едно помало комунално претпријатие процесот на дигитална трансформација може да го имплементира во рок од 3 до 6 месеци, но потребна е блиска соработка и поддршка од нивните основачи, односно, локалните самоуправи.

- Основни чекори за воведување на дигитализацијата е раководството да биде заинтересирано за овој процес. Исто така, потребни ни се постојани тимови, кои се добро подготвени. Работата се состои од теренско прибирање на податоци и нивно внесување преку одредени апликации во канцелариите. Она што исто така е важно е дека, еднаш внесените податоци, мора постојано да се ажурираат, изјави Маја Меденица, белградски водовод и канализација 

 Со цел од блиску да се запознаат со добри пракси и софистицирани решенија, АДКОМ и Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), за директорите и техничките лица од Македонија, организираа студиска посета на белградски водовод и канализација.  

- Мислам дека овие средби на размена на искуства на раководители и технички лица се многу важни за нашите матични јавни комунални претпријатија, затоа што можеме да им ги пренесеме нашите проблеми, а тие нивните и наоѓаме НЗС (најмал заеднички содржател) за истите, изјави Александар Спасовски, ЈП „Водовод“- Куманово

- Подетално не запознаа како ги решаваат проблемите со загуба на вода и оптиматизација на процес. Ние во Македонија, сите јавни комунални претпријатија сме во различни стадиуми на развој на ГИС системи и на СКАДА. Со овие средби организирани од АДКОМ и од ГИЗ, разменуваме искуства и стекнуваме нови знаења кои по враќање во нашите средини ги имплементираме во нашите претпријатија, изјави Бобан Петрушевиќ, ЈП „Водовод“- Куманово

Развојот на инфоматичките технологии го поедноставува процесот на управување со водоводните системи. Меѓутоа, комуналната сфера е на еден од најниските стадиуми на платена работна сила, што ја прави не атрактивна за младите дипломирани кадри.

- Во некои претпријатија има купени и инсталирани софтвери, но нема кој да работи. Значи, мора државата, локалната самоуправа и самите комунални претпријатија малку повеќе да се занимаваат со оваа проблематика, да најдат модуси и решенија, како да ги привлечат младите школувани кадри кои ќе ги задржиме и ќе работат во самите претпријатија, додаде Петрушевиќ

Во процесот на дигитализација, Белградски водовод покрај вработените ги вклучува и студентите од техничките струки.

- Целта ни беше тие студенти да ги обучиме, задржиме и да ги заинтересираме да останат во претпријатието. Тоа и го остваривме, така што сега имаме вработени во нашата служба кои веќе 20-тина години работат на оваа работа. Една препорака за колегите од останатите претпријатија е исто така да ангажираат млади луѓе, кои на тој начин ќе останат во нивните средини и ќе продолжат да работат на оваа многу важна работа, додаде Меденица

Со оптимизација на работењето, се подобрува кондицијата на претпријатијата, кои подоцна ќе можат да имплементираат нови технологии, а со самото тоа и да ги подобрат услугите кон крајните корисници.