Македонија
5. July 2017 - 15:04

Собранието ја почна шестата седница

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 6. седница ја усвои Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија, врз основа на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврден на седница.

Пратениците ја усвоија и Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, врз основа на предлогот за измени доставени до Комисијата.

На оваа седница пратениците ја почнаа расправата по точката за избор на Спасе Глигоров за директор на Агенцијата за администрација.

Заменик-министерот за информатичко општество Александар Бајдевски истакна дека предложениот кандидат ги исполнува сите законски услови за да биде именуван за функцијата за која што е предложен.

- Со оглед на тоа дека се работи и за човек којшто веќе 12 години има работно искуство во јавната администрација, работел на работни задачи од областа на правни работи и управувањето со човечки ресурси и сето тоа ни дава за право дека предложеното лице професионално, компетентно и одговорно ќе ја извршува својата задача како директор на Агенцијата за администрација, рече Бајдевски. 

Согласно член 15 од Законот за административни службеници со Агенцијата раководи директор кој го именува и разрешува Собранието на РМ на предлог на Владата, а се именува за времетраење на неговиот мандат од 6 години.

По образложението на заменик-министерот, пратеникот Илија Димовски забележа дека не е нагласено кој е овластен претставник на Владата по овој предлог и побара пауза да се утврди дали има писмен допис до Собранието за тоа кој е претставник.

По паузата претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека било утврдено оти нема писмен допис, туку дека телефонски било кажано дека заменик-министерот е претставник.

Поради ова, тој сакаше да ја прекине расправата по ова точка, да премине на наредната, повикувајќи се на член 78 став 2 од Деловникот, а да се врати на неа кога ќе се создадат деловнички услови.

На ова реагираше Димовски, кој побара, како што рече, поради суптилноста на овој член, да се даде пауза и седницата да продолжи попладне, до кога, верува ќе се створат деловнички услови. Ова, рече, е пропуст на Владата и на генералниот секретар, и не треба да се префрла во Собранието.

Џафери даде пауза, истакнувајќи дека има право и да премине на наредната точка, но оти ќе го испочитува барањето на Димовски, бидејќи не сака да работи без опозиција.

Рече дека и усно се договарале претставници и оти тоа не е во ред на што укажувал и кога бил пратеник. Таа воспоставена пракса, рече, треба да прекине.

Претходно при утврдување на дневниот ред мнозинството пратеници одлучија да не се носи во скратена постапка законот за измени на Законот за јавно обвинителство на Република Македонија како и за измени на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што ги побараа пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. 

Со законот за измени на Законот за јавното обвинителство ВМРО-ДПМНЕ бараше јавниот обвинител да се бира на предлог на опозицијата, но со двотретинско мнозинство.

Ова, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, ќе овозможи да се реализира предизборното ветување на мнозинството. Предлогот, рече, не е изворно наш, туку на СДСМ даден во предизборието, но сметаме дека со него ќе се постигне факторизација на сите групации во Собрание, а и ќе се воспостави принцип на градење доверба по секоја основа. 

Не беше прифатен и предлогот за измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои се однесуваа на укинувањето на радиодифузната такса за граѓаните.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека итноста на оваа тема произлегува од фактот што уште во март пратеници на мнозинството изјавиле дека доколку имало формирано влада тој закон ќе бил донесен и граѓаните ослободени од оваа такса. Навременото укинување, додаде, ќе овозможи и подобро планирање на приходите при наредниот ребаланс на Буџетот, а ќе отвори и дебата за тоа каков концепт и решение е добро за јавниот сервис МРТВ.

На барање на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на дневен ред беше додадена и информација за состојбата со дивата депонија во Струга. Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека со оглед дека опозицијата има право на секоја седница да предлага своја точка на дневен ред може да го стави предлогот на гласање, по што точката со 104 гласови беше ставена на оваа седница.

На дневен ред на оваа седница, која треба да продолжи во 15:30 часот, меѓу другите, е и точката за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.