Македонија
2. December 2018 - 18:34

Собранието го усвои вториот нацрт-амандман на Уставот

Собранието на Република Македонија вечерва со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани го усвои нацрт-амандманот XXXIV на Уставот на Репубпика Македонија. Претпладне пратениците го усвоија и XXXIII нацрт-амандман на Уставот, а утре во 11:00 часот 64. седница ќе продолжи со расправа по XXXV, а по неговото изгласување и по XXXVI нацрт-амандман.

За време на попладневната дебата за XXXIV амандман, со кој се предвидува во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор, пратениците од власта и опозицијата ги бранеа своите веќе познати ставови.

Во дебатата се вклучи и Зијадин Села, од Алијансата на Албанците кој рече дека во преамбулата сите граѓани на Македонија треба да бидат еднакви без разлика на етничката припадност. Патот за ЕУ и НАТО, според него, е пат за повеќе права на граѓаните на РМ и еднаквост помеѓу народите и внатрешна меѓуетничка кохезија.

– Ние инсистираме да се дефинира како мултиетничка држава во Преамбулата. И верувам дека секој политички субјект во Собранието на еден или на друг начин го има кажано ова, рече Села.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров му реплицираше на Села дека е легитимно за овие прашања да се разговара, особено во јавната расправа што претстои.

– Не е добро чуството дека некој тука е привремено. Македонија е заедничка држава на сите нас и мислам дека е вредно за сето тоа да се дебатира, рече Димитров на пленарната седница.

Претходно претпладево Собранието со 67 гласа „за“, четири „воздржан“ и 23 „против“ го утврди нацртот на амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија.

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

По оваа изгласувањето на нацрт – амандманите и завршувањето на оваа фаза, Владата како предлагач на измените треба да организира јавна расправа, по што ќе следува третата и последна фаза од уставните измени, кои се прават во согласност со Договорот од Преспа.