Македонија
8. March 2021 - 8:22

Со помен на загинатите бранители во Крива Паланка се одбележуваат 20 години од конфликтот во 2001

Со помен на вечните почивалишта на загинатите бранители од Крива Паланка во конфликтот во 2001 година, денеска ќе бидат одбележани две децении од немилиот настан, информираат од Здружението на бранители на РС Македонија „Бранители 2001″.

На настанот е најавено присуство на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, началникот на специјалните полициски сили, Бранко Трајановски и делегација од Владата на РС Македонија, како и претставници од СВР Куманово и ОВР Крива Паланка и локалната самоуправа на општина Крива Паланка.

– Со настанот што ќе се одржи денеска во 10 часот, на новите градски гробишта во Крива Паланка, на едно од вечните почивалишта на бранителите од нашиот град, ќе бидат обележани дваесет години непребол, дваесет години од конфликтот во кој бројни Македонски чеда ги положија животите за татковината. Ваквата одлука беше донесена на состанокот на претседателството на Здружението, а пораката што ќе се упати е да не се заборави но и да не се повтори никогаш повеќе, изјави Владе Стојановски, претседател на Здружението „Бранители 2001″.

Посочи дека во Здружението членуваат претставници од семејствата на загинатите бранители во конфликтот во 2001 и од „Диво насеље”, вкупно 120 бранители.

– Секоја година децата на бранителите во училишен процес одат на бесплатен зимски и летен одмор, што го овозможува државата, а и за сите тековни барања од семејствата на бранителите упатени кон државните институции, досега имаме одлична соработка со властите, додаде Стојановски.