Со два воено-транспортни авиони од Бугарија се очекува да пристигнат посмртните останки од жртвите во несреќата кај „Струма“
Со два воено-транспортни авиони денеска во 9 часот од Бугарија се очекува на Меѓународниот аеродром Скопје да пристигнат посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“-Скопје, што се случи на 23 ноември на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник.
По пристигнувањето, како што најавија од МНР, поворката ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град.
Во периодот од 10 до 13 часот граѓаните ќе може да оддадат последна почит и да положат цвеќе на плоштадот „Скендербег“ и да ја проследат поворката која ќе помине по булеварот веднаш до плоштадот, во периодот меѓу 11 и 12 часот. Од плоштадот ќе може да се проследи колоната со возилата која ќе се движи по булевар „Гоце Делчев“, кон крајните дестинации (домовите) на загинатите. На плоштадот „Скендербег” граѓаните ќе имаат можност преку видео екран да го следат настанот, со цел достоинствено да оддадат почит кон загинатите сограѓани.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вчера на средбата со Амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов, му се заблагодарил за брзата интервенција на бугарските власти со цел целосно расветлување на трагичниот настан во кој животот го изгубија 45 патници од Македонија, како и за третманот и укажаната грижа кон преживеаните.
-Веќе се идентификувани сите 45 жртви на автобусот што се запали на автопатот Струма, а нивната идентификација е направена со ДНК профили, изјави заменик-главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов вчера за БТА.
Со указ на јавниот обвинител, информира тој, дадено е одобрение посмртните останки на жртвите да им бидат предадени на претставници на Владата на Република Македонија за транспорт и трансфер на нивните роднини.
Невладиниот бугарски Институт за безбедност на патиштата во меѓувреме задолжи меѓународен ревизор да изврши непристрасна стручна проверка на состојбата на патиштата пред тешката несреќа на автопатот Струма, во која загинаа 45 – те македонски државјани.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, при увидот констатирано е дека заштитните огради не се поставени во согласност со барањата. На подрачјето на сообраќајната несреќа се случиле бројни несреќи при што биле оштетени заштитните огради. Во овој случај, имало повторно инсталирање на објектот во средната разделна лента. Од Институтот за безбедност на патиштата сугерираат дека на истото подрачје можеби имало и претходна сообраќајна несреќа. Приклучокот на заштитната ограда бил неправилно монтиран со две наместо со четири завртки, како што требало. Ова е, наведуваат, причината поради која заштитната ограда се скинала и покрај малата брзина со која удрил автобусот.
– Кобната делница на „Струма“ е пуштена во употреба пред 20 години без Акт 16. Утврдено е и дека недостасуваат знаци и дека има оштетени ознаки. Испратен е извештај и до Агенцијата за патна инфраструктура, а оваа информација треба да биде проверена од истражните органи на Бугарија, велат од невладината организација.
Во меѓувреме, вчера обвинителот Бисер Михаилов и истражителот Маријан Маринов, кои работат на расветлување на трагедијата, изјавија за БТВ, дека е позната причината за пожарот и локацијата на неговиот првичен извор во автобусот со македонски туристи на враќање од Истанбул.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Маријан Маринов одбил да ја открие причината за пожарот и рекол дека „ќе им остави на експертите“ кои веќе имаат свои „тези“. Но, истражителот коментира дека во македонскиот автобус било „нанижано“ големо парче заштитна ограда за гумата до влезната врата, била пронајдена „свиткана хармоника“ и „уништена е пластичната цистерна“.
Ново на Сител
-
Истрага за криминал во Лотарија
-
Расчистени повеќе убиства вршени во подземјето
-
Никој не открива кои објекти биле мета на терористичката ќелија поврзана со ИСИС
-
Мицкоски вели акциите се со поддршка од САД
-
ЗНАМ ја промовираше платформата за национално обединување, бара поддршка од сите партии
-
Мицкоски: Ниту еден данок нема да се зголеми
-
В сабота цело Скопје ќе остане без вода, ќе се затвора главната цевка за да се санираат дефекти
-
Акција на МВР: Разбиени картели во Арачиново и Чаир