Случајот „Онкологија” и по една година се уште во истражна постапка – Клиниката најголем должник
Долгот од алармантни 10 милиони евра нема да ги остави онколошките пациенти без неопходната терапија. Од Онкологија која е најголем должник во здравството со уверување дека во преговори со Фондот ќе бараат спас за пополнување на дупките. Од друга страна очекуваат да добијат и поголем буџет поради зголемениот број на болни кои доаѓаат на клиниката.
-Лековите што се неопходни за пациентите да ги обезбедиме и да ги имаме. Со Фондот правиме ребаланс на буџетот. Долгот не е од регуларниот буџет туку од условениот што е 100 проценти за терапија за биолошката. Долгот е зголемен како што кажа и директорот на Фондот поради несоодветно планирање на потребите, вели проф. д-р Игор Стојковски, директор на Клиника за Онкологија.
Алармирајќи за должничката криза во здравството каде Онкологија е на врвот, директорот на Фондот вчера кажа дека оваа клиника ќе има приоритет – и за лекови и за нови вработувања кои се неоходни. За да не се трупаат нови долгови и министерот за здравство побрал од директорите добро менаџирање.
На вчерашната средба на министерот Таравари со директорите на универзитетските клиники беше укажано на што е можно порационално и поефикасно менаџирање на средствата.
Министерството за здравство, во соработка со ФЗО за следната година ќе се залага да се изнајде одржливо решение за оваа проблематика, ни одговорија од МЗ.
А освен што Онкологија е најголем должник, ништо друго не е сменето и една година по избивање на скандалот за препродажба на биолошка терапија и несоодветно работење што го открија ревизорите.
-Истрагата е во тек, по наредба на јавниот обвинител се вршат медицински вештачења во странство, е одговорот што го добивме од Обвинителството.
Лани во септември случувањата на Онкологија ја згрозија јавноста што резултираше со протести на пациенти и нивни семејства. Имаше и Анкетна Комисија во Собрание чија цел беше да утврди дали постои политичка одговорност, но заврши без епилог.
На крајот на јануари Обвинителството отвори истрага за случајот со петмина осомничени и засега тоа е последниот преземен чекот за скандалот кој ги погоди сите онколошки пациенти.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар