Македонија
23. April 2018 - 17:06

Случај „Тенк“ - уште 8-мина сведоци потврдија дека набавката на блиндираниот мерцедес била неопходна

Стариот блиндиран мерцедес во кој се возел експремиерот Груевски е надвор од употреба повеќе од 1 година. Со вакво тврдење сите 8 лица вработени во МВР кои сведочеа на денешното судење за предметот Тенк на СЈО, посочија дека и тие самите повеќепати барале да се набават нови возила заради безбедност на државните претставници.

„На премиерот Груевски никогаш не му беше важно со какво возило се вози, но ние како обезбедување инсистиравме тоа да биде блиндирано“

„Возилото наменето за превоз на премиерот многу често се расипуваше. Имаше проблем со кочниците, моторот и амортизерите. Еднаш моторот изгаси на патот накај резиденцијата на Водно, се закочи воланот и излетавме од патот. Да бевме на отворен пат, последниците ќе беа  многу поголеми“

Ова се само дел од исказите на сведоците кои според Груевски ја докажуваат потребата од набавката на блиндираниот мерцедес вреден 600.000 евра.

Наместо на денешното, поранешниот шеф на обезбедување на експремиерот, Дејан Митровски-Урко ќе биде повикан на следното рочиште закажано за во среда, во спротивно ќе биде избришан од листата на сведоци. Доказната постапка ќе продолжи и со испрашување на две вешти лица.