Македонија
27. November 2019 - 14:12

Следно рочиште за „Монструм“ на 11 декември

Во Кривичниот суд во Скопје, на денешното рочиште за случајот „Монструм“ се читаа СМС-пораки и други транскрипти предложени како докази од Обвинителството.

Судењето продолжува на 11 декември, а како што посочи обвинителката Фатиме Фетаи, на следното рочиште ќе бидат разгледувани материјални докази, а потоа ќе ја поднесат листата на сведоци од Одбраната.

Еден од родителите на убиените кај Смилковско го праша судијата Огнен Ставрев да не се соочуваат со некакви опструкции, со оглед на тоа што се уште не е завршено вештачењето на мобилните телефони на осомничените, кое е побарано во јуни.

Родителот побара премиерот Зоран Заев да биде повикан како сведок и Судот да ја обезбеди снимката од Собрание каде Заев, одговарајќи на пратенички прашања, зборува за убиството кај Смилковско.

Тој инсистираше Заев да биде донесен додека е на функција-премиер и да каже се што знае и посочи дека премиерот во Собранието Заев некаде во февруари кажал многу важни работи.

– Судија да го повикате Заев да не избега и тој да се бања во некое џакузи како Груевски, рече родителот.

Судијата истакна дека кога ќе дојде време за тоа ќе биде побарана снимката и Заев ќе биде повикан како сведок, тогаш кога ќе се сослушуваат сведоците.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека Заев ќе биде повикан, истакнувајќи дека без оглед на неговата моментална професија тој мора да ја зборува вистината, а ако не ја зборува ќе сноси последици.

Родителот меѓу другото ги праша судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани, кои го водат случајот, што ќе биде со него доколку тие бидат избрени во Апелацискиот суд, за каде конкурирале, по што тие одговорија дека судењето нема да биде почнато од почеток туку дека постои друга процедура.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.