Македонија
14. November 2024 - 16:32

ДСЗИ ќе проверува дали Детска го решила проблемот со дежурстрвата на специјализантите

Утре истекува рокот за Детската клиника да ги организира дежурствата за што има и решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од ДСЗИ и при последниот надзор за смртта на 5 годишното девојче увиделе дека специјализанти работат  спротивно на закон и инспекторите од понеделник ќе проверуваат што презела установата за надминување на овој проблем.

Иако за здравствените власти ова е долгогодишна мака и тоа во речиси сите клиники, изби на површина пред повеќе од еден месец кога на Детска  почина 14 месечното бебе од Гошинце. Дали ќе има казни за установата, инспекторатот ќе утврди по контролата.

-Треба да си го регулира тој момент, односно, при работата на специјализанти секогаш треба да има помлад специјалист кој треба да биде заедно во делот на работењето. И ние како ДСЗИ ќе направиме контролен надзор дали е постапено по решението, изјави Кирил лазов, директор на Државен и санитарен инспекторат.

Овој проблем е 10 години, не е три или 4 месеци и ние го решаваме, ги правда министерот за здравство констатираните системски пропусти на Детска. Таравари вели така било во сите установи и затоа преземале мерки. Но, колку е оправдано специјализант да дежура без надзор на специјалист?

-Не можеме нешто што е проблематично повеќе од 5 – 10 години да го решиме за за 4-5 месеци. Меѓутоа гледате дека преземаме чекори за стабилизирање на здравствениот систем  затоа се и овие 600 специјализанти кои ќе бидат вработени, вели Арбен Таравари, министер за здравство.

Инаку, во понеделник Комисијата од педијатри што ја формираше Таравари  ќе оди во стручен надзор на Детска за смртта на 5 годишното девојче кое почина на 5 ти ноември. Утре, пак, директорот на клиниката најави прес конференција на која ќе соопшти што затекнал и што ќе смени. Претходно, Реџеп Мемеди обвини за политички тенденции со ширењето на информации и броеше во чиј мандат колку смртни случаи на деца имало.