Бизнис
27. April 2016 - 19:57

Скопско Смут, нов бренд на Пивара Скопје

Пивара Скопје АД денеска го промовира новиот бренд „Скопско Смут“, пиво произведено со најновата технологија за ладна филтрација, која гарантира свежина на пивото за време на целиот рок на траење од 90 дена.

– Скопско Смут е непастеризирано пиво произведено по најнова технологија, направено од висококвалитетен хмељ. Со својата свежина и балансираност, секогаш остава впечаток дека е штотуку наточено, рече генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека целта на Пивара Скопје е да ја помести Македонија од последното место во Европа по однос на конзумирање пиво по глава на жител и додаде дека новото пиво ќе се продава на македонскиот пазар, но и на околните.

Менаџерот за оперативно производство на пиво Кирчо Стојанов истакна дека новата технологија ја имаат воведено според сите стандарди на Хајнекен и оти се една од првите пиварници во регионот што го направила тоа.

– Во новиот производ се внесени многу знаење и труд за да се овозможи пивото да има свежна иста како на првиот ден од точењето. Скопско Смут е свежо пиво, непастеризирано, питко и со перфектно избалансиран вкус. Веруваме дека љубителите на пивото ќе го препознаат овој вкус, а посебно младата популација, која сака нови вкусови  и предизвици, рече Стојанов.