Македонија
16. May 2023 - 16:41

Скопје во сообраќаен хаос, мостот „Беласица“ ќе остане затворен најмалку една година

Мостот Беласица дури година и половина би можел да биде надвор од функција, и тоа под услов доколку веднаш почне да се работи на него. Тоа значи дека година и половина скопјани ќе имаат големи тешкотии за време на сообраќајниот шпиц, бидејќи оние кои кратеа од Железничка кон Ист Гејт ќе мора да ги користат другите мостови.

Деканот на Градежниот факултет, во изјава за Сител појаснува дека самите процедури се долги и затоа ќе биде потребно многу време за санација.

-Во најмала рака потребни се три до четири месеци интензивна и високостручна работа за да се утврди неговата моментална состојба. А, доколку се констатира дека е потребна негова санација, тогаш треба уште минимум половина година за да се изработи проект за санација, и после тоа да се изведе санацијата. Значи, треба доста време, вели професорот Марковски.

Проблемот е што за носивоста на мостот задолжени се кабли кои се сместени во внатрешноста на бетонската конструкција.

-Со оглед на тоа што се работи за кабли изработени од високо вреден челик, тие се многу чувствителни на високи температури. Односно, ги губат своите карактеристики ако дојдат до контакт со висока температура. Оттаму, прво што треба да се утврди, а тоа не е нималку лесно е да се види колкава била температурата во каблите во времетраењето на пожарот. Па потоа да се констатира колкава е нивната носивост, дали е загрозена и колку е редуцирана. Па после тоа следат мерки за санација, појаснува професорот Марковски.

Професорот Марковски не верува дека штетата е толкава, што мостот не би можел да се санира, но тој зафат би бил многу скап.

-Не би сакал во моментов да шпекулирам со цифри. Во секој случај многу зависи во каква состојба е сега тој. Ако степенот на санација е поголем, самата санација може да достигне и неколку милиони евра, вели Марковски.

Се уште останува дилема дали Град Скопје ќе има пари за ваков зафат поради лошата финансиска состојба во која се наоѓа градот. Градоначалничката Арсовска и денеска избега од камерите, но вети дека ќе излезе на прес-конференција во следните две недели. До тогаш скопјани ќе го чекаат епилогот за еден од главните крвотоци во сообраќајот на главниот град.

Вчера од Град Скопје само кратко ни кажаа дека не можат да направат ништо додека не ги добијат записниците од МВР и ЦУК.

-Извештаите кога ќе бидат готови ќе бидат доставени до надлежните институции, тоа што е работа на МВР. Инаку, испитувањата коишто треба да бидат направени, дали пожарот придонел до намалување на статиката на мостот, не е обврска на МВР, вели Спасовски.

Мостот е затворен и за пешаци, а како што објавивме и вчера, на него постојано има и полициски службеници кои ги враќаат сите оние кои не знаат или не сакаат да ги читаат знаците.