Нови субвенции за жителите на Карбинци
Според бројот на жители, општина Карбинци влегува во првата група со најмногу жртви и случени сообраќајни несреќи во државата. За да ја зголеми безбедноста на своите сограѓани, локалната самоуправа ќе поднесе иницијатива до МВР за инсталирање на камери од „Save city“, а како мотив младите да не возат без положен возачки испит, градоначалникот донесе одлука да се субвенционираат дел од средствата за добивање на возачка дозвола.
- Ќе бидат опфатени младите луѓе на возраст од 18 до 25 години, а оопштината ќе го субвенционира трошокот за полагање возачки испит за Б категорија во висина од 10 000 денари по лице. Ќе стимулираме да секое едно младо лице се стекне со возачка дозвола и да се намали бројот на возачи коои управуваат моторни возила без претходно да се стекнат со соодветни документи, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
Во делот на чистата животна средина, општината ќе ги стимулира и сите оние домаќинства кои за огрев ќе користат пелети, како алтернативно гориво за загревање на домовите.
- Се работи за субвенционирање од 20% или не повеќе од 12 000 денари по домаќинство, додаде Паунов.
Исто така, продолжува мерката за субвенционирање при купување на инвертер клима уред, која даде солидни резултати изминатиот период.
- Мерка која што досега, во овие три години 130 домаќинства успешно ја реализираа, а тоа значи дека општина Карбинци во тие 3 години врати 2,5 милиони денари директно кон граѓаните, изјави Паунов.
За реализација на мерките, средства се обезбедени од општинскиот буџет, а нивната примена ќе започне по објавувањето на јавните повици.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
