Македонија
10. December 2020 - 8:33

Скопје бара решение без оспорување на македонскиот идентитет, Софија тврди дека не ни ставила вето за ЕУ

Како неодговорна грешка го окарактеризира премиерот Зоран Заев, ветото на Бугарија за отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, искажувајќи убедување дека е можно решение без оспорување на македонскиот идентитет. Бугарската страна, како што изјави шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, смета дека двете земји се во деликатна фаза од односите и оти Софија не ни ставила вето на почетокот на преговорите со ЕУ.

-На сите ни е јасно, дека до овој момент ЕУ не постигна согласност за прифаќање на преговарачката рамка за нашата земја. Оваа неодговорна грешка е горчлива вест за целата наша нација. На овој ден, се слуша големото разочарување кај сите нас во една издишка. Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите. Тоа не е европски начин. За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство, истакна Заев во видеообраќањето до нацијата.

Ставот на Бугарија, како што кажа тој, е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ.

-Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати, рече премиерот.

Заев беше дециден дека за Македонија, за македонскиот народ и за сите граѓани на нашата земја не се прифатливи овие услови. Нема да дозволиме, како што кажа, ниту антифашистичкиот идентитет на нашата земја да биде загрозен и да биде доведен во прашање. Ние, потенцираше Заев, одбивме да преговараме за работи за кои не смее ни да се разговара.

-Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија. Ние велиме – ДА за Европа и велиме НЕ – за уцени врз македонскиот народ! И НЕ за уцени врз нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и сите други, рече тој.

Премиерот Заев во обраќањето рече дека македонската држава е земја на пријателства и соживот и оти како израз на историското паметење, стремежот за правда и неприкосновеноста на човековите права, сме знаеле и да простиме и да се извиниме во име на иднината, но оти никогаш не сме посегнале по туѓото.

-Затоа сите се на нашата страна. Пријателите се со нас и заедно со пријателите ќе одиме напред. Им оддаваме признание и благодарност на сите останати земји-членки на ЕУ, рече Заев додавајќи дека посебно признание и благодарност упатува до Германија која во исклучително тешки времиња, во врвот на нејзиното претседавање со Унијата ги стави Буџетот на ЕУ, борбата против КОВИД-19 и проширувањето.

Заев оцени дека процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Бугарија, од позиција на земја-членка и оти станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка, и добро е што нашите меѓународни пријатели и сојузници не ја премолчуваат оваа грешка.

-Нашата совест е чиста. Целиот изминат период се водевме од принципите на максимална заштита на националните интереси и да не смее да се чепка во правото на самоопределување на македонскиот народ. Да вложиме максимални напори за отворање на пристапните преговори со ЕУ во 2020 година, а притоа да ги унапредуваме добрососедските односи врз основа на взаемно разбирање и почитување. Затоа сметаме дека причините за неодобрување на преговарачката рамка прават штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија. И се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европската интеграција на регионот и за европските вредности ќе може да се надомести бргу, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата во видеообраќањето зборуваше и за опозицијата во нашата земја, која овој момент го воспева како своја победа. Актуелното и претходните раководства на ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа Заев, речиси 15 години покажуваат одбивност и блокади кон нашата евроатлантска определба. Колку повеќе се ближеше остварувањето на нашето членство во НАТО, толку поинтензивно ширеа немири, лаги и говор на омраза.

-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа единствените кои навиваа Македонија да не добие датум за почеток на преговори, единствените кои блокираа реформи и структурни закони важни за интеграцијата во ЕУ. Лидерот на ДПМНЕ го прогласи најпозитивниот Извештај на Европската комисија за лажна вест и не смогна сили ниту да честита, ниту да аплаудира во Собранието на денот кога станавме 30 земја-членка на НАТО, рече Заев додавајќи дека денеска паднаа во вода сите лаги и клевети и оти им се урнале лагите дека наводно се распродавал македонскиот идентитет.

Обраќајќи им се на граѓаните тој рече дека нема да дозволиме да превладеат сили што имаат намера да ја втурнат земјата во омраза кон Европа, во неизвесности, конфликти и во омраза кон нашите соседи. Наша обврска е, рече Заев, да ги заштитиме државата и граѓаните од повторно застранување од стратешкиот колосек.

-Без оглед на атмосферата која се обидува да ја наметне опозицијата, оваа Влада никогаш нема да преземе чекор со кој ќе ги загрози македонските национални интереси. Немаме намера да ја исправиме државата пред неизвесност. Еднаш поминавме низ тоа. Знаеме до каде не донесе национализмот. Нема да дозволиме ни нов, ни стар груевизам како оној после ветото од Букурешт во 2008 година. Ние немаме потреба од националистички занес или од удирање во гради, што служи само за домашна потреба. Тоа е атрактивно за домашна публика, но не е решение, рече Заев.

Бараме, потенцираше премиерот, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетски различности на нациите на Европскиот континент.

-Македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат исклучок од овој принцип. Бараме на ист начин како што ние се грижиме, го развиваме и скапоцено го чуваме европскиот идентитет дома, така и ЕУ да го почитува, да се грижи и да го чува нашиот македонски идентитет, како скапоценост на својата различност, рече Заев.

Повтори дека остануваме посветени  на барањето решение со соседна Бугарија, кое ќе гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет. Заев исто така дека нема да дозволи ветото на Бугарија да предизвика застој на внатрешните реформи, туку напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот и оти Владата останува на истиот стратешки колосек.

Речиси истовремено во Софија се одржуваше првата средба на специјалниот претставник на Македонија за Бугарија Владо Бучковски со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева. По разговорите на заедничката прес-конференција Бучковски потенцираше дека Македонија е подготвена целосно да го имплементира Договорот за добрососедство.

– Ако инструмент за тоа е патоказот, верувам дека ќе може да биде алтака со која ќе се мерат постигнувањната, истакна Бучковски.

Според него, во моментов довербата меѓу двете земји е нарушена. Но, изрази задоволство од конструктивните разговори со Захариева и што неговото назначување Бугарија го смета како дополнителен напор од наша страна да ја вратиме загубената доверба.

Бучковски нагласи дека неговата задача ќе биде да го координира исполнувањето на договорот, но не во делот на историјата.

– Заедничката историја не може да ја смениме ниту јас, ниту Захариева, но можеме да ги промениме работите за посилна соработка во инфраструктурата, во образованието, културата и во зближување на дватаа народа и тоа искрено ќе го правиме, порача Бучковски.

Захариева, пак, од своја страна порача дека за Бугарија повеќе не се доволни само зборови, тука сака дела.

-Подготвени сме да работиме, да најдеме решение за надминување на оваа акумулирана недоверба и да бидеме вистински членки на европското семејство, изјави таа најавувајќи продолжување на разговорите за изнаоѓање решение за преостанатите билатерални прашања со Република Македонија, како и изнаоѓање излез за патот на Македонија кон преговарачката рамка за нејзино членство во ЕУ.

Според неа, погрешно е ова да се нарекува вето, бидејќи станува збор за неодобрување на преговарачката рамка. -Ние сме во деликатна фаза од нашите односи, изјави Захариева на заедничката прес-конференција со Бучковски.

Захариева тврди дека Бугарија не ставила вето, зато што вчера на министерскиот совет, како што посочи, воопшто не се расправало за проширувањето. Бугарската позиција е јасна – бара гаранции за нејзините барања: исполнување на Договорот за добрососедство, патоказ за негово спроведување, декларација дека нема претензии за македонско малцинство и употреба на јазикот според Договорот од 2017 година. Тоа го нема во преговарачкара рамка и Бугарија не може да ја поддржи, вели Захариев

Истакна дека постои разочараност на двете страни, поради неодобрувањето на преговарачката рамка и повика работата на заедничката македонско-бугарска комисијата историски и образовни прашања да не се користи за политички цели.

Таа нагласи дека бугарската позиција за неодобрување на преговарачката рамка се должи на, како што рече, неспроведуваењето на Договорот за добрососедство од 2017 година.

– Ги предупредуваме нашите соседите за ова веќе година и половина. Тие се неколку работи. Блокирање и политизација на работата на Комиисијата за историски и образовни прашања, административни пречки за бугарскиот бизнис, неофицијална поддршка на поединци и организации со тврдења за постоење на македонско малцинство во Бугарија и недостиг на напредок, односно значително одложување на Коридорот 8, додаде Захариева.

Таа потенцира дека Скопје и Софија покажале оти може да имаат добра координација за време на копретседавањето со Берлинскиот процес и треба да се искористи тоа искуство за враќање на загубената доверба чекор по чекор и за „запирање на деструктивниот пристап“. Обвини за антибугарска кампања и обиди да се дискредитира Бугарија во сите организации, тврдењето дека ставање вето или дека поради нас и Албанија ќе биде запрена и други невистинити работи.

Во врска со ветото од Софија за нашите евроинтеграции се огласи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која смета дека Бугарија направи геостратешка грешка, што не е добра за регионот, не е добра за нас и нема да биде добра и за Софија.

-Ние ќе продолжиме да работиме на еворпските врености. И денеска на оваа прес-конференција покажавме дека можеме да испорачаме европски резултати, дури и тогаш кога некој го блокира европскиот процес. Така ќе продолжиме и понатаму бидејќи македонската иднина е европска и ние на тоа нема да градиме алтернатива, изјави на денешната прес-конференција Шекеринска.

Таа изрази очекување сите земји од ЕУ, со исклучок на Бугарија, да ја потврдат нивната позиција дека треба да се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија.

Обраќање имаше и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој побара веднаш лидерска средба за да се разговара за актуелната политичка, здравствена, образовна и економска ситуација во земјава.

-Уште еднаш ја реактуелизирам потребата веднаш од лидерска средба. Лидерска средба на која ќе разговараме за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во нашата Македонија. Веднаш лидерска средба за да можеме понатаму заеднички да ја градиме нашата Македонија, рече Мицкоски.

Мицкоски се осврна на се она што направила Владата во изминатите 100 дена. Според него, се работи за 100 дена загубена иднина, загубена економија, загубени животи и достоинство, атакуван идентитет, загубена правда, криминал, загубени штедни влогови, илјадници загубени работни места, загуби за земјоделците, бизнисот, загубени инвестици.