Сите се за ветинг – за издвојување на чесните од непрофесионалните и корумпираните
Сè погласно се зборува за потребата од ветинг на судиите и обвинителите за да може во државава да се спроведат суштински реформи во судството. Начелно сите се за ветинг, а се бара тој да не биде ограничен само на судството, туку и на институциите и политичарите.
Министерката за правда Рената Дескоска вели дека веќе се исцртуваат контурите за ветингот. Во тој процес, додава, не треба да се плашат чесните судии и обвинители, но мора да се спроведе за да се издвојат неквалитетните, непрофесионалните и корумпираните.
Првиот човек на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски во изјава за МИА вели дека ветингот за судиите и обвинителите треба да биде добро осмислен, да не се спроведува набрзина, да се знае кој и како ќе го врши и да не се претвори во мешање на извршната во правосудната власт.
– Треба добро да се осмислат целите на ветингот, да се дефинира по содржина и начинот на кој ќе се спроведе. Понатаму, кој орган или кои органи или државни институции ќе треба да го спроведат, да се внимава тоа да не значи да биде директно мешање во правосудната власт од страна на извршната власт. Доколку се спроведе, треба да даде позитивни ефекти, а не да даде негативни ефекти. Состојбите во правосудниот систем не се баш на потребното ниво, па со ветингот да не се влошуваат понатаму, истакнува Колевски.
Тој додава дека во овој момент имотната состојба на судиите и јавните обвинители се контролира.
– Сите јавни обвинители и судии поднесуваат пријава до Антикорупциската комисија за сопствената имотна состојба и имотната состојба на сите јавни обвинители и судии е на увид на јавноста. Секој може да изврши увид во податоците, рече Колевски.
Министерката Дескоска вчера посочи дека има меѓународни примери за спроведувањето на постапката ветинг.
– Ветингот не го спроведува извршната власт, туку на експертско ниво мешовита комисија, во која во многу земји учествуваат и меѓународни претставници како гаранти на процесот, вели Дескоска.
И претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев е на став дека е потребен ветинг во судството за да се отстранат сите сомнежи за чесноста на судиите.
– На ветингот гледам позитивно и немам никаков проблем со тоа. Сметам дека е потребно да се направи ветинг и во судството, со цел да се отстранат сите сомнежи по однос на чесноста на судиите, изјави неодамна Џолев.
Премиерот Зоран Заев исто така смета дека на нашето општество му е потребен ветинг, посебно нагласувајќи дека тоа час поскоро треба да се направи во правосудството.
– Нашиот народ очекува протресување судии, обвинители, политичари, директори… Тоа треба добро да се организира. Ветингот е наша обврска како општество. Не мислам дека политичарите не треба да поминат ветинг. Мора да се помине низ тој процес. Во иднина очекуваме низ поглавјата да имаме трансформација на нашето општество. Мора да се протресеме сите, рече Заев.
Од владејачката СДСМ најавија постапка за целосен ветинг во судството, бидејќи неприфатливо е токму институциите што треба да носат правда, да ја спречуваат и да ја поткопуваат.
– Неопходен е ветинг во судството, за да се направи дистинкција меѓу чесните и професионални судии и обвинители и оние кои не се на нивото на професијата. Пред граѓаните ветивме правда, му дадовме шанса на судството, не испорача, но ние ќе направиме сè за да го оствариме. Затоа што без правда, нема сигурност и стабилност, без владеење на правото, нема развој и напредок, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети смета дека има потреба од спроведување ветинг во сите институции во државава.
– Јас не можам да се занимавам со предрасуди, ниту со предвидувања за преполовување на судиите и обвинителите во процесот на ветингот. Тие што не го поминуваат ветингот не заслужуваат да бидат претставници на судството. Независно колку ќе трае ударот, дали ќе се преполови бројот или ќе остане четвртина, зависи од веродостојноста, рече Ахмети.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вели дека во ветингот на судиите не гледа решавање на проблемите во македонското судство.
– Искуството вели дека тие што го примениле овој процес на ветинг, еве конкретно во случајот ако го земеме искуството од нашиот западен сосед, не поминале успешно, рече Мицкоски.
Тој најави дека како партија ќе понудат методологија што ќе обезбеди вистинска реформа за независно судство, независно обвинителство, мониторинг врз нив.
Ново на Сител
-
Лавров: Двосмисленото однесување на Франција го поткопува дијалогот за мир во Украина
-
Полицијата пристигнува во зградата на РТВ во Нови Сад во пресрет на денешниот студентски протест
-
Израел: Постара жена убиена во терористички напад во Херцлија
-
ФСБ: Американец осуден на 15 години затвор поради собирање генетски податоци на руски државјани
-
Истражување: Пушењето влијае на здравјето и до 25 години по откажувањето
-
Забрана за пловидба од неколку грчки пристаништа поради силниот ветер
-
Дончиќ поради повреда ќе отсуствува најмалку еден месец
-
Финска задржа руски брод, под сомнение дека е поврзан со саботажа во Балтичкото Море