Синови и ќерки, сопруги и снаи на функционери го поминаа испитот за судии и јавни обвинители
Синови, снаи и сопруги на политичари, судии и обвинители ќе делат правда. Академијата за судии и јавни обвинители ја завршија синовите на собранискиот спикер Џафери, обвинителката од СЈО, Јосифовска, апелациониот судија Беџети, експретседателот на Судски совет, Здравев. Како судија во иднина ќе работи и сопругата на градоначалникот на Аеродром, Муцунски, а уште едно обвинител доби и семејството Абази, откако академијата ја заврши сопругата на обвинителот за гонење на организиран криминал и корупција. Во листата на звучни презимиња во последната генерација судии и обвинители се запишаа уште снаата на собраниската генерална секретарка Цветанка Иванова, ќерката на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска, синовите на врховниот судија Георгиев и вишиот управен Јакупи. Од академијата уверуваат дека роднинските врски не влијаеле во уписот и обуката на овие кандидати. И во други професии, синови и ќерки се стекнувале со звање како и нивните родители.
„По ниеден закон не може да се забрани некому да аплицира на конкурс, да помине на конкурсот, ако покаже соодветно знаење и да заврши одредена обука. Не постои таков закон во државата. Академијата не може да поставува пречки на таков начин. Од друга страна, одредена професија може да се случи и да е традиција во одредени семејства. Тоа го имате и кај лекарите и кај другите професии. Не може да се забрани на било кој да посака да се запише и да заврши одредена струка, одредена профилација“, вели Наташа Габер-Демјановска, Директор на Академија за судии и јавни обвинители.
Последната генерација судии и обвинители се најде под лупа на антикорупциска откако се дозна дека синот на Џафери и уште 400тини колеги по право, предвремено полагале правосуден. Во меѓувреме, обвинителот Абази доби место во управниот одбор на академијата каде сам ќе требаше да ја оценува својата сопруга, но се повлече од членството. Габер не очекува роднинските врски да влијаат во работата на идните судии и обвинители.
„Дел од интегритетот е секако и во самата природа на човекот. Личноста мора да има одредена основа врз база на која едкукацијата ќе го надогради тоа што е професионален интегритет. Ирелевантно, дали се тие во сродна врска со некој од лица кои веќе работат во правосудство или познати звучни имиња, секое лице одговоара за себе и за своите постапки и мислам дека на овие млади луѓе треба да им се даде шанса“, вели Габер.
Првиот човек на Кривичен кој очекува минимум петмина судии од новата генерација, не ги коментира роднинските врски на неговите идни колеги. На брифинг со новинарите, Иван Џолев, рече дека од нив очекува професионалност.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со последната генерација судии и обвинители, влста на СДСМ и ДУИ не само што го партизирале судството, туку од него направиле и дувло на непотизам.. Од партијата прашуваат како може граѓаните да веруваат во правосудството, кога деца и сопружници на политичари ќе делат правда? Но, претседателот на партијата со пинаков став.
Од владејачката СДСМ пак порачаа дека кога опозицијата го обвинува својот потпретседател, да не го меша СДСМ.
Обвинувањето на ВМРО-ДПМНЕ дека со сопружници се полни правосудството сметаме дека е дирекна порака до нивниот потпретседател Тимчо Муцунски.
На ранг листата за генерација кандидати од Академијата на судии може да се прочита дека се наоѓа кандидатката за судијка Симона Муцунски-Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски, градоначалникот на Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар