Сиљановска Давкова: Не би имала ништо против уставни измени доколку се работи за копенхашки критериуми

Многу пати сум чула за моменти што треба да се искористат и моментот сега е врзан со влезот на Украина и Молдавија во ЕУ. Ништо не би имала против уставни измени доколку навистина се работи за одредби врзани за Копенхашките критериуми, или ако сакате во случајов за надминување на дискриминација или за гарантирање на малцински права, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изјавата на известувачот за Северна Македонија во ЕП Томас Вајц дека земјава треба да го искористи моментот и да изгласа уставни измени за почеток на преговори со ЕУ, претседателката го потенцира ставот за гаранции.
- Да, го чув господинот Вајц, но јас исто така имам меморија. Многу пати сум чула за вакви моменти што треба да се искористат. Навистина и сега моментот постои бидејќи е врзан и за членството на Украина и на Молдавија. Се разбира, јас во системот на поделба на власта не се осудувам да давам совети дали и кога треба да се усвојат уставните измени. Јасен е Уставот дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување. Освен тоа, ќе го повторам и она што повеќепати сум го кажала, ние сме рекордери во уставни измени. Исто така и овој пат се бара уставна измена. Нашиот став е за неопходноста, за нужноста од гаранции и дека нема повторно да се појави нов, многу погоден момент, и уште едно барање за уставни измени. Ништо не би имала против уставни измени доколку навистина се работи за одредби врз Копенхагенските критериуми, или ако сакате во случајов за надминување на дискриминација или за гарантирање на малцински права, рече Сиљановска Давкова.
Македонскиот Устав, потсети таа, влегува во категоријата на устави со силни гаранции на малциснките права, што не е случај со многу други устави, па и можеби со најголемиот број устави на земји што се членки на ЕУ.
На прашањето за најавите за членство во ЕУ без право на глас, Сиљановска Давкова рече дека не може да коментира идеи што ги чула од високи политичари на ЕУ и од претставници на тинк-тенк организации.
- Сегашната состојба е таа според актите на ЕУ. Членките имаат ист статус, имаат право на вето, важни одлуки се носат со консензус. Кога ќе се најде на маса ваков предлог тогаш ќе размислувам или ќе одговорам, рече таа.
Сиљановска Давкова, на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај, истакна дека ние со тоа што сме го направиле сиве овие децении исто така заслужуваме да влеземе во групата на држави со кои исто така ќе се разговара за сегашниот начин на влегување во ЕУ и евентуално за некакви модалитети.
Бегај рече дека исто како и нашата претседателка не може да коментира нешто што не го видел како документ и смета дека како земји кои се дел од Европа и географски и вредносно треба да добиеме поафирмативни пораки за членство во ЕУ.
MИА
Ново на Сител
-

Од 1 октомври граѓаните кои сакаат може да дадат согласност кај матичен за дарување на органите по смртта
-

Поплавени улици по силното невреме во Скопје - Комуналните екипи на терен
-

Пропаднаа измените на Изборниот законик, СДСМ ги блокираше со 10.000 амандмани
-

Реконструкцијата на Владата е заокужена - ресорите се поделени
-

Не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија – порака од трибината „Разговори за иднината во 12:05“
-

Група млади малтретираат девојче - ново вознемирувачко видео со врсничко насилство во Аеродром
-

Документи од државен пазарен инспекторат докази во судењето за „Пулс“
-

И странските државјани ќе бидат санкционирани за прекршоците во сообраќајот
