Македонија
23. November 2023 - 19:47

Шукова: Грејте се на суви дрва - Влажните дрва го загадуваат воздухот

Греењето со влажни дрва го загадува воздухот. Според министерката за животна средина ова е една од причините за алармантното аерозагадување во поголемите градови во земјава. И сезонава Скопје повторно се најде на светскиот врв каде граѓаните дишат штетни честички. Дополнително некои скопски општини даваат субвенции за дрва. Шукова вели дека тие немале надлежност да контролираат туку само да препорачуваат. Ингерециите за дрвата биле кај министерството за земјоделие.

- Ако огревното дрво е одлежано и суво прави помало загадување, а поголемото загадување го прават влажните дрва, изјави Каја Шукова, министерка за животна средина.

Затоплувањето на јавни објекти со мазут и останати нееколошки системи исто така е причина за високата аерозагаденост смета министерката. Таа ја повтори изјавата како и сите нејзини претходници последните две декади дека овој проблем не може да се реши за година – две. Но, досега граѓаните не видоа некој бенефит и секоја зима дишат отровен воздух. Шукова најави нов проект кој ќе ги опфати Скопје, Куманово, Битола и Тетово.   

- Имаме повторно мерки за замена на нееколошки системи за греење, со еколошки системи за затоплување, некаде околу пет и пол милиони евра. Тоа е значителна сума на пари, иако станува збор за четири општини, ќе набавиме и неколку еколошки автобуси за град Скопје, исто во рамките на проектов, вели Шукова

Според податоците од Институтот за јавно здравје годишно над 4000 граѓани во земјава умираат поради загадениот воздух.