Македонија
24. August 2026 - 16:32

СДСМ постави услов за Левица

СДСМ не се изолира од опозицискиот фронт кој бара итни избори и е подготвен за соочување во секој момент, но порачува дека нема да биде покритие за потезите на власта. Опозициската партија упати јасен услов до Левица за какво било обединувањее, да се откажат од анти-НАТО ставовите и проруската политика.

Според лидерот Венко Филипче, ВМРО-ДПМНЕ ја има апсолутната власт и може сама да распише избори и без барање од опозицијата, а мотивот на премиерот за предвремено гласање е празната државна каса од која, како што вели, ги снемува парите за криминални тендери.

Венко е сосема одлепен од реалноста, она што му го диктира Заев тоа и го повторува, во однос на изборите јасен му е епилогот, затоа и бега од соочување со граѓаните, велат од владејачката партија.

-Очигледно е дека Филипче нема допир со реалноста, а тоа е поради неговата дружба со аболицираниот криминалец Заев, на неговата милионска јахта во Грција, кој му диктира што да кажува пред медиумите и му ја создава перцепцијата, а Филипче како негов следбеник, истото го повторува. Тука можеме директно да му порачаме дека јасен демант за неговите лаги се официјалните статистики кои го спроведува во јавноста Државниот завод за статистика. Во однос на изборите, единствен човек во државата кој не сака избори и бега од нив е Венко Филипче и талогот од СДС. Од месечината се гледа дека јасно му е и на него и на талогот, каков дебакл ќе доживеат и како ќе бидат поразени од граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Левица веќе се изјаснија дека се подготвени веднаш за изборен процес, како и од ДУИ, по најавата на премиерот дека доколку опозицијата побара, ќе се одржат предверемени парламентарни избори.