Македонија
6. October 2017 - 15:02

Штипските советници ја одржаа последната Седница на Советот

Штипските советници на денешната последната седница на Советот на Општина Штип дебартираа за Извештајот за продажбата на државно земјиште кај Градскиот базен по пат на спогодба на фирмата „Оаза Екстра-скопско“ - Штип, каде според урбанистичкиот план е предвидена изградба на Спортско-рекреативен центар „Брегалница“.

Соња Китанова раководител на Секторот за комунални дејности во Општина Штип го презентираше извештајот пред советниците, при што истакна дека постапката се одвивала една година и шест месеци, бидејќи се појавиле  технички пречки во планската документација на кои реагирал Народниот правобранител.

Тоа, рече Китанова, е завршено со солемизацијата на договорот предметот пред нотар, и додаде дека Извештајот бил усвоен од страна на Советот не, како што потенцира таа, едногласно, но, со воздржани гласови.

Таа истакна дека промена во цената на земјиштето нема, а изнесува 1.080 денари по м/2 или инвеститорот платил над 16.600.000 денари. Откако во август годинава бил склучен договорот тече рокот од шест месеци оваа штипска фирма да добие градежна дозвола за изградба на Спортско-рекреативниот центар Брегалница, по што има рок од две години и да го изгради согласно планот.

Штипските советници на денешната седница на Советот го верификуваа мандатот на советникот Владимир Бутлиев од листата на СДСМ кој доаѓа на местото на советничката Марија Костова. Бутлиев ќе биде советник во Советот на Општина Штип само еден ден. 

Советниците на денешната седница ги разгледуваа и извештаите и програмите за штипските основни и средни училишта.

И покрај тоа што во тек е изборната кампања, надлежните од Министерството за локална самоуправа велат дека ниту еден закон не забранува одржување на седници на локалните совети, но во овој период не смеат да се донесуават одлуки поврзани со финансии, легализација на дивоградби или прераспределба на работни места.