Македонија
10. April 2017 - 16:02

Штипскиот Универзитет дел од проект за развој на соработката со приватниот сектор

Професори од Факултетот за информатика и Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска беа дел од европскиот твининг проект „Развивање на соработка помеѓу високообразовните институции, приватниот сектор и релевантните органи“, кој се спроведува во рамки на Министерството за образование и наука.

Деканот на Инжинерскиот институт во Париз, Пјер Блажевиќ истакна дека денеска на своите колеги од Штипскиот универзитет им го пренесува искуството што го имаат со стопанството во Франција. Смета дека универзитетите во Франција имаат добра пракса, а студентите кога ќе дипломираат веќе се подготвени за пазарот на трудот. Тој забележа дека во Франција имаат многу ниска стапка на невработени дипломирани студентите од техничките факултети, бидејќи имаат воспоставено добра соработка со компаниите.

Прашан што македонките универзитети треба да променат во своите програми, Блажевиќ одговори дека образовните институции треба да создадат подобар линк со стопанството.

- Многу добро би било да се подобри соработката меѓу компаниите и образовните институции, со цел да се развијат поиздржливи, поприменливи студиски програми, кои ќе бидат наменети за професионалците, стопанството, отколку за наставниот кадар, вели Блажевиќ.

Клаудија Хазис координатор на твининг - проектот вели дека проектот го реализираат заедно со тимови од Северна Ирска и Франција.

- Работилницата е насочена кон спроведување на процес на самоевалуација со цел зголемена релевантост на студиските програми во поглед на барањето на пазарот на труд, особено од инжинерскиот сектор. Универзитетскиот професор по роботика  Блажевиќ е овде за да ги пренесе добрите пракси, бидејќи универзитетите во Франција своите студенти добро ги подготвуваат за пазарот на труд, вели Хазис.

Европскиот твиниг проект е почнат од август минатата година, а сите активности треба да завршат за 14 месеци.