Свет
19. April 2018 - 8:30

Шпанија и Венецуела во следните денови ќе ги нормализираат дипломатските односи

Шпанија и Венецуела официјално соопштија дека во наредните денови ќе ги вратат своите амбасадори во Каракас и Мадрид заради нормализирање на дипломатските односи.

Во јануари, Венецуела го протера шпанскиот амбасадор, по што на ист начин одговори и Мадрид. Таквата одлука на Каракас следуваше откако ЕУ наложи санкции за седуммина високорангирани венецуелски претставници во врска со протестите на опозицијата. Според венецуелскиот претседател Николас Мадуро таа мерка била иницирана од Шпанија.

Во заедничка изјава на министрите за надворешни работи на двете земји се наведува дека Шпанија и Венецуела се „договорија да започнат процес за нормализирање на дипломатските односи во интерес на своите граѓани, обединети со тесни врски, кои треба да се сочуваат“.

За таа цел тие се договориле во слендите неколку денови да ги вратат своите амбасадори за да се обноват каналите за дипломатски дијалог меѓу двете влади.