Македонија
22. September 2017 - 8:34

Шекспировата „Сон на летната ноќ“ на фестивалот „Иван се враќа дома“

На фестивалот „Иван се враќа дома“, на кој гостува московскиот театар „Мастерскаја П. Фоменко”, денеска и утре од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе биде изведена „Сон на летната ноќ“ од Шекспир - последната од трите претстави со кои македонскиот режисер Иван Поповски се претставува пред македонската публика. 

На матичната сцена во Москва претставата премиерно е изведена во 2015 година и е добитник на престижната награда „Златна маска” за најдобра претстава за таа година. За само две  години од премиерата „Сон на летната ноќ“ е одиграна 89 пати и се продадени околу 35.000 влезници, а цените достигнале и  до 15.000 рубљи (над 13.300 денари).

- Во оваа претстава сè е игра - театарска, љубовна, понекогаш по малку и наивна, понекогаш таква што наликува на најсложена шаховска партија. Понекогаш е лута, дури и опасна - таква што е подобро да се набљудува оддалеку. Понекогаш, пак, на детски начин едноставна - таква во која се вклучуваш сакајќи или не сакајќи. Но, секогаш е жива и неверојатно занесна. Во хаосот на играта, во ноќната опиеност, се отвораат границите на светот - огромен, необјаснив. Каде што дворецот на херцогот, па дури и самата Атина, е само малечка точка, не поголема од светулка во тревата....,  наведува МНТ во најавата за претставата.

Таа ќе има уште една изведба, утревечер исто така од 20 часот, со што ќе заврши фестивалот „Иван се враќа дома“. На фестивалот по две изведби имаа уште две претстави на театарот „Фоменко“ режирани од Поповски: „Алиса зад огледалото“ од Луис Керол, и „Отровната туника“ од Николај Гумиљов.