Македонија
8. јуни 2017 - 17:53

Шекеринска - Бјорнстад: Соработката ќе продолжи со проекти од заеднички бенефит

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството за одбрана оствари средба со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад на која се дискутираше за интензивирање на билатералната соработка меѓу двете земји, особено во областа на одбраната.

На средбата, како што информира ресорното Министерство, министерската Шекеринска се заблагодарила за искрената и отворена соработка од Кралството Норвешка, како и за поддршката која во континуитет ја добива Македонија за полноправно членство во НАТО.

- Би сакала да се заблагодарам за вашата искрена и недвосмислена поддршка во остварување на нашата стратешка цел, полноправно членство во евроатлантското семејство. Соработката и поддршката која Кралството Норвешка ја дава на Македонија, но и на регионот воопшто се видливи преку реализираните проекти и ние би сакале оваа поддршка да продолжи и понатаму, особено во однос на подобрување на транспарентноста на институциите. Тоа ќе помогне во борбата против корупцијата. Ние ќе се залагаме овој тренд на интензивирање на билатералната соработка со Кралството Норвешка да продолжи преку нови проекти кои ќе бидат од особен интерес за целиот регион воопшто, истакнала министерката Шекеринска.

Норвешкиот амбасадор упатил уверување дека Кралството Норвешка секогаш дава отворена поддршка на Македонија во нејзината стратешка определба и истакнал дека Норвешка се залага на политиката на „отворени врати“ за членство во НАТО. Тој додал дека транспарентноста е еден од клучните елементи во борбата против корупцијата и дека Кралството Норвешка може да помогне во однос на ова.

- Кралството Норвешка ќе продолжи да ја дава својата поддршка на Македонија, како техничка, така и советодавна, со цел интеграција во евроатлантските структури, посочил амбасадорот Бјорнстад.