Македонија
7. јуни 2020 - 16:53

Семејството на Симона Герасимовска доби тестирање откако јавно се пожали дека не сакаат да ги тестираат нејзиното дете и сопругот

По објавата на Сител и шест дена чекање, семејството на Симона Герасимовска конечно е тестирано за присуство на коронавирусот. И кажале дека резултатите ќе може да ги очекува утре. Во меѓувреме, до редакцијата пристигнаа исти или слични примери како на Симона. Граѓани се жалат дека иако пријавиле оти имаат симптми, за да добијат термин за тестирање се чека и по една недела.

-Откако излегов јавно и го кажав мојот проблем видов дека некој презема нешто. Бевме контактирани, дојде екипа, не тестираа. И јас бев приватно контактирана од други луѓе кои се соочуваат со ваков проблем. Апелирам прво до надлежните, да водат малку повеќе грижа за сите лица кои имале контакти со веќе позитивни лица. Да преземаат на време мерки – тестирања. Апелирам и до сите граѓани кои еве, како мене, таков ист или сличен проблем да не се плашат. Слободно да го искажат јавно своето мислење, својот проблем, бидејќи нема ништо страшно тука, вели Симона.

Одговор зошто некои луѓе чекаат толку многу време за тестирање се уште не добивме од Центарот за јавно здравје.

За потсетување, Симона во статистиката на Министерството за здравство како позитивна се води од вторникот, а симптоми почувствувала уште минатиот петок. Шест дена чекаа нејзините сопруг и ќерка да бидат тестирани. Симона вели граѓани кои знаат дека имале контакт со позитивно лице и имаат симптоми, а не се тестираат, можат да се движат слободно надвор бидејќи немаат решение за самоизолација. На тој начин надлежните ги оставаат луѓето да се однесуваат според нивната совест.

Во изминатата недела здравствените власти почнаа помасново да тестираат од претходно. Во екот на кризата и кога мерките беа најрестриктивни се правеа и по 6 пати помалку тестови на дневно ниво.