Фудбал
28. September 2016 - 12:54

Селекторот на Англија поднесе оставка

Сем Алардајс по само 67 дена поднесе оставка на функцијата селектор на фудбалската репрезентација на Англија. BBC пренесува дека поради скандалот во кој се најде Алардајс веднаш поднел оставка и веднаш договорил раскин на соработката со Фудбалската федерација на Англија (FA).
 
Сем Алардајс бил измамен од новинари на Telegraph кои му се преставиле како бизнисмени од Далечниот исток, а целиот скандал се однесува на делот од разговорот во кој селекторот, за надомест од 400.000 фунти, понудил совети како да бидат заобиколени трансфер прописите на FA.
 
Исто така, тој вели дека познава неколку менаџери кои без проблем можат да ги заобиколат правилата на FA, наведувајќи го како пример трансферот од пред две години на Енер Валенсија, кој тогаш бил во сопственост на „трета страна“.
 
За време на состанокот, Алардајс лошо зборувал за својот претходник Рој Хоџсон, нарекувајќи го „Woy“, бидејќи Хоџсон не ја изговора правилно буквата „r“. Исто така, тој за обновата на култниот стадион „Вембли“ рекол дека тоа било обична будалаштина.
 
FA експресно реагираше откако снимката излезе во јавноста, челните луѓе разговарале со Алардајс кој веднаш ја понудил својата оставка.
 
Англиските медиуми шпекулираат дека најблиску до селекторската функција е Герет Саутгејт.