Македонија
28. July 2015 - 9:11

Седници на четири собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за транспорт, врски и екологија, за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.

Предлог-законот за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, во второ читање, и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал во прво читање, се на дневниот ред на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. 

Членовите на Законодавно-правната комисија ќе расправаат по Предлог - законот за ратификација на договорот помеѓу Швајцарската конфедерација, претставувана од страна на Сојузната канцеларија за бегалци, Таубенстрасе 16, ЦХ-3003 Берн, и Република Австрија, претставувана од страна на Сојузното министерство за внатрешни работи, Херренгасе 7, А-1010 Виена, во врска со воспоставувањето и функционирањето на „Меѓународниот центар за развој на миграциската политика (ИЦМПД)“ во Виена, со измени и дополнувања.

На агендата на седницата се и предлог-законите за ратификација на договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словенија за полициска соработка, на дополнителниот протокол кон Европската повелба за локална самоуправа за правото за учество во работите на локалната власт, како и на протоколот за изменување и дополнување на Спогодбата од Маракеш за основање на Светската трговска организација. Ќе се разгледуваат и предлог - законите за ратификација на дополнителниот протокол 4 на договорот за измена и пристапување на Централниот европски договор за слободна трговија, на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Кралството Саудиска Арабија за одбегнување на двојното оданочување по однос на даноците на доход и заштита од даночна евазија, како и на Предлог-закон за изменување на Законот за заштита и спасување, по скратена постапка, на Предлог-законоте за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, по скратена постапка и на Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка. 

Се очекува пратениците на оваа седница да дискутираат и по Предлог - законот за гаранција на Република Македонија на обврските по договорот за заем за финансирање на Проектот за надградба и развој на патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка и ЈП за државни патишта, по скратена постапка, по Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, по скратена постапка, а меѓу другите и за Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност , во второ читање. На дневниот ред е и Предлог-законот за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.

Комисијата за транспорт, врски и екологија на денешната седница ќе расправа по предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за градење, на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, двата по скратена постапка, како и по Извештајот за реализација на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2014 година и Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за договорите за превоз во патниот сообраќа.

На седницата на Комисијата за финансирање и буџет, како што е најавено, ќе се расправа за Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, по скратена постапка, за Предлог - закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за надградба и развој на патишта, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка и ЈП за државни патишта, по скратена постапка, како и за Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, во второ читање и за Годишните извештаи за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија за 2014 година, за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2014 година, на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2014 година и за финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2014 година.