Се утврдува намалениот промет од бојкотот на маркетите, решение за високите цени низ дијалог
Пораки дека решение за високите цени треба да се бара низ дијалог меѓу производителiте и продавачите и да се почитува Законот за нефер трговски практики, беа упатени во тек на бојкотот на големите ланци маркети што се одржа вчера првпат во државава по постојаното поскапување на основните прехранбени производи. Повикот за бојкот ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите. За износот на намалениот промет се очекуваат информации од Управата за јавни приходи.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески го поддржува бојкотот, но нагласува дека единствен начин за решавање на проблемот со високите цени е дијалогот меѓу производителите и продавачите.
-Ќе поддржам се што има реална основа, а има реална основа овде да се реагира. Сепак, како претседател на Комората во која членуваат и ланците маркети, ќе инсистирам да се најде решение низ дијалог. Македонија е толку поделено општество што нови поделби не и се потребни, потребен и е дијалог да ги решиме старите. Како заштитник на компаниите, дијалогот е излез од оваа ситуација, проблемот меѓу производителите и продавачите не е од сега, туку од поодамна, а може да се реши само со разговор. Кај нас таков дијалог се одвива постојано, настојуваме да се спречи секаков потрес меѓу нив за да не се одразува врз стандардот на граѓаните. Овие нови форми и методи на вакви активности преку социјалните мрежи ќе станат секојдневие и ние треба да ги почитуваме и да ги поддржуваме, но тоа треба да биде и знак за сериозен разговор што ќе доведе до решение. Ние ќе се однесуваме најодговорно и заедно со Владата ќе бараме решение за тоа и нормално, со останатите чинители, рече Азески, одговорајќи на новинарско прашање по промоцијата на Институтот за извоз во Комората.
Како што укажа премиерот Христијан Мицкоски, има економски оператори кои ја злоупотребуваат положбата на пазарот.
-Дијалог мора да има за да се најде решение. Тоа е алатка што ја користиме и ќе ја користиме и тука нема никаква дилема. Но, истовремено, уште вчера, детектирав и други области кои исто така влијаат негативно врз стандардот на граѓаните. Мора да признаам дека има некои економски оператори кои ја злоупотребуваат својата положба на пазарот. За мене, пред се како граѓанин, е нелогично исти производи во маркетите кај нас да бидат со исти или повисоки цени од маркетите во соседството или исти лекови кај нас да се два до три пати поскапи или бела техника, не може кај нас да биде до 50 отсто поскапо. Како човек е логично да изразам разбирање за постапката на граѓаните, но и како премиер. Не можам само да седам на страна и само да набљудувам, рече Мицкоски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира да се почитува Законот за нефер трговски практики и да не се злоупотребува моментот дека некоја надлежна институција не излегла на терен. Поради лимитираните капацитети изминатиот период не можеле да излезат на терен, но како што рече, се работи на доепикирање и ќе бидат потпишани седум согласности за вработување во Комисијата за заштита на конкуренцијата.
-Точно е тоа дека во овој период одредени институции поради лимитираните капацитети не можеле да излезат и да ги исконтролираат состојбите, но кога станува збор за пари и финансиски трансакции, се останува вечно. Тоа значи дека на пример можеме и по 12 месеци да направиме контрола и доколку утврдиме неправилности, ќе следуваат казни. Затоа апелирам до сите компании во државата да се почитуваат законите, бидејќи во некој момент некоја од институциите ќе излезе на терен и ќе направи контрола по што ќе следат драконски казни, изјави Димитриска-Кочоска.
Засилени мерки против непочитување на законот од страна на трговците, претходно најави и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
-Државниот пазарен инспекторат е на терен и доколку утврди неоправдан енормен раст на цените и нарушување на пазарната логика, ќе бидат искористини сите механизми што им се на располагање и ќе бидат донесени одлуки и мерки со цел да се заштити стандардот на граѓаните, наведе Дурмиши во објава на Фејсбук.
Занаетчиската комора, исто така го поддржа бојкотот, а претседателот Агрон Фазлији, апелирашпе граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб и други прехранбени продукти во занаетчиските пекари и други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно ги повика занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти.
За бојкотот граѓаните преку социјалните мрежи, беа повикани да не пазарат, по примерот на Хрватска и уште неколку држави.
Бојкотот го поддржаа и дел од партиите.
Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија, минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари. Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти.
Премиерот Мицкоски, претходно најави дека в понеделник на седница на Економско-социјалниот совет ќе презентира, како што рече, „вистински цени“ од производи од потрошувачката кошница, бидејќи според него се манипулирало при пресметката од страна на поранешни функционери од СДСМ.
-За минималната синдикална кошничка дали сте ја виделе методологијата? Ќе ви дадам одговор ако не сте ја виделе. Јас во мојот живот лубеница и црешни во јануари не сум јадел, не знам за вас во СДСМ можеби ви е вообичаена пракса. Тоа е дел од методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка која е со цени од неколку маркети кои во јавноста се познати како ексклузивни без да биде пресметана просечната цена. А ја пресметуваат Никола Попоски поранешен потпретседател на СДС, Драган Тевдовски поранешен министер за финансии од СДСМ и Бранимир Јовановиќ кој беше дел од Ленка, Левица па отиде советник кај Тевдовски, овие тројца ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка. Отидов во неколку маркети и ги извадив неколку производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и пијалаци 3.000 денари е помала сумата од тие што се декларирани во минималната синдикална кошничка односно 15 отсто помалку. Ова ќе го презентирам на Социјално-економскиот совет и тоа со слики, да се видат вистинските цени, рече Мицкоски, во одговор на пратеничко прашање во Собранието.
Според најавите, на седницата на ЕСС задутре ќе се разговара за минималната плата, а Владата останува на ставот дека ќе го прифати она што ќе го договорат синдикати и работодавачите. Согласно законот, во март треба да се направи усогласување на минималната плата која според досегашните пресметки треба да се зголеми за 1.800 денари.
Трошоците на животот во декември годинава во однос на декември минатата година, се зголемени за 4,4 проценти, а цените на мало за 4,3 проценти.
Ново на Сител
-
Повици за одговорност за смртта на Фросина, законски измени за поголеми казни во сообраќајот
-
Шест лица загинаа при пад на авион за превоз на пациенти во Филаделфија, меѓу патниците имало девојче
-
Почувствуван земјотрес во Скопје
-
Сончево со локална облачност
-
Вучиќ: Можете да ме убиете, но нема да има преодна или експертска влада
-
Уапсен 23-годишник од Дебар, управувал со возило без возачка дозвола и бил под дејство на алкохол
-
17 годишен скопјанец тешко повреден откако бил нападнат на постојка во Центар
-
Тригодишно дете заболено со голема кашлица