Македонија
20. October 2015 - 23:32

Се унапредува концептот за екстерно тестирање на учениците

Екстерното тестирање кое се применува во Република Македонија како концепт за проверка на објективноста на оценувањето на наставниците и проверка на степенот на постигнувањата на учениците е меѓународно познат и признат, а го практикуваат 30 европски образовни системи и 24 земји од ОЕЦД.
 
Според креаторите на образовните политики, овој процес го означи почетокот на крајот на ерата во која царуваше неправично оценување кое започна како тренд во деведесетите кога многу општествени моќници непосветеноста кон развојот на своите деца сакаа да ја компензираат со поправање на нивните оценки, преку притисоци врз наставниците и професорите. Како што неколку пати беше посочувано, главната цел на овој концепт е учениците да добиваат реални оцени затоа што незаслужените 5-ки во иднина на учениците ќе им донесат проблем на пазарот на труд и во понатамошното образование.
 
Процесот во Македонија се спроведува веќе 3 години и ги дава очекуваните резултати. Откако е воведено екстерното тестирање, значително се подигна објективност во оценувањето на наставниците и се намали нереалното пишување оценки, стекнати без труд и заслуга.
 
За целиот овој период беа разгледувани и прифаќани забелешки, предлози и сугестии кои беа оправдани,  со што неколку пати беа направени корекции во насока на подобрување на системот. Потребата за дел од измените беше увидена од  имплементаторите, но дел и по сугестии и забелешки на засегнатите страни.
 
Во тековниот период, Владата најави дека повторно работи на подобрување на екстерното тестирање. Интензивно го подготвува новиот концепт, со кој се очекува надминување на сите отворени прашања од изминатиот период и кој, по финалната формулација, ќе биде предложен на јавна дискусија.
 
Премиерот Никола Груевски истакна дека се размислува за воведување на некои измени и новитети кои имаат за цел да им се олесни на учениците екстерното тестирање, но сепак да се остварат позитивни резултати. Тој планираните измени ги најави минатиот месец одговарајќи на пратенички прашања.
 
-Она што сега се размислува е во правец да се даде можност да се полага наместо еднаш во годината да биде два пати или четири пати, да се воведе можност со повеќе проблемски прашања заради разбирање на суштината да се увериме дека ученикот не само што меморирал одредени работи туку добро ја разбрал суштината на материјата. Во овој дел може да дојде до израз и креативноста на учениците, што е исклучително важна работа. Се размислува и за тоа ако ученикот на екстерното  биде оценет  со единица  да може да  преполага доколку сака и воопшто ако не е задоволен од оценката на екстерното да добие шанса за преполагање, истакна Груевски.
 
Премиерот откри и дека имало дискусии во правец на подобрување на формулата за пресметка на просекот на ученикот, а  исто така и да се провери дали за одговорите на прашањата има некои кои ги нема во учебниците со оглед на тоа што е дозволено да има различни учебници за одреден предмет.
 
-Првичните одговори што ги добив се дека не постојат такви аномалии, но сепак дадов повратно да се провери дали сепак се случило во одредена ситуација да има прашање чиј  одговор го има во некој учебник, а во друг го нема. Се разбира, ако има таква ситауција тоа треба да се корегира. Се  размислува и за ангажман само на надворешни лица за набљудувачи затоа што присуството на истите наставници кои ја дале оценката може да доведе до одредени субјективности.  Отворена е и можноста за комисиско разгледување на приговорите, но и за други прашања за коиМОН понатаму ќе изврши дополнителни  консултации и на крај сето тоа повторно ќе се врати во Владата на разгледување и заземање конечен став и одлука што и како треба да се подобри.  Целта е да се направи и креира ситуација да се вратат повисоките стандарди, доколку е можно и повисоки од оние кои беа пред почетокот на транзицијата, а со тоа да се помогне на децата да имаат повеќе знаење и иднина во нивните кариери и животен развој, изјави тогаш премиерот Груевски.
 
Дел од понудените предлози за унапредување на екстерното тестирање, кореспондираат и со предлозите кои во изминатиот период јавно ги изнесоа влијателни општествени чинители, како поранешниот потпретседател на СДСМ Зоран Јовановски, кој му даде отворена поддршка на процесот.
 
-Мислам дека е фер да се каже дека посакуваните ефекти се делумно остварени, напиша Јовановски во колумна за “Економија и Бизнис“.
 
Од Владата неколку пати досега посочија дека секој конструктивен предлог, прифатлива идеја и сугестија за унапредување на системот, во насока на зголемување на знаењето на учениците и подигнување на објективноста на наставниците при оценувањето, ќе биде сериозно разгледана и одлуката по однос на истата ќе биде донесена согласно ставот на сите учесници во дискусиите во периодот кој следи. Пракса која и досега постоеше, но која многупати беше минирана и постоеја и обиди за девалвација.
 
Во меѓувреме, Владата најави дека се одложува и примената на најавените новини во полагањето на државната матура, за септември 2016-та година. До тогаш ќе се работи на нов модел, прифатлив за сите засегнати страни. Годинашната генерација матуранти ќе полагаат по стариот концепт, во кој математиката нема да биде задолжителен, туку изборен предмет.
 
-Измените на Законот за високо образование и за државната матура се одложени за септември 2016 година и во овој период ќе направиме се што е во наша моќ да бидат вклучени сите засегнати страни за да се дојде до најдобрите можни решенија. Одлагањето на државната матура е затоа што од декември се пријавува матурата и имавме прекраток период за промените што сакавме да ги постигнеме, затоа што ни треба во меѓупериодот и дијалог, така што има доволен простор да се вклучат сите заинтересирани страни и да се разговара со сите, да се слушнат сите мислења и да се направат темелни консултации за на крај да се донесе најсоодветното решение, изјави премиерот Груевски.
 
Најавените измени во концептот на полагање на екстерно тестирање ќе бидат од помош за сите оние кои полагаат. Концептот ќе ги задржи постоечките сегменти кои докажаа дека вакво тестирање е потребно и кои придонесоа за успех, но ќе биде надграден со цел истиот да биде подобар и поуспешен.