Македонија
14. August 2019 - 13:01

Се реконструира скопскиот булевар „Крсте Мисирков“

Градот Скопје денеска започна со целосна и темелна рекоснтрукција на булеварот „Крсте Мисирков“, и тоа на потегот од раскрсницата кај „Мавровка“, до надвозникот до петљата кај поликлиниката „Битпазар“, во должина од 1.350 метри во двата правци.

Ова денеска го изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој присуствуваше на изведување на инфраструктурните активности.

Со цел да се подобри квалитетот на коловозот, тој очекува да има интервенција и во тампонирањето. Шелегов посочи дека реконструкцијата ќе трае наредниве 30 дена и дека ќе се изработи една квалитетна инфраструктура.

– Градот Скопје во изминатиов период парите на граѓаните ги троши за вистинските приоритети на нашиот град и во таа смисла вршиме целосна и темелна реконструкција на инфраструктурата. Вредноста на овој проект е околу 20 милиони денари, што е значително поевтино од она што Градот во минатото го плаќал како износи за ваков тип на услуги, рече скопскиот градоначалник.

Чаирскиот градоначалник Висар Ганиу изјави дека тој уште на почетокот на мандатот заедно со градоначалникот на Град Скопје има програма и план за реконструкција на сите улици во Општината Чаир.

– По целосната реконструција на улица „Лазар Петковски“, чии работни активности се при крај, сега го реконструираме овој булевар што спаѓа на територијата на Општина Чаир. Паралелно со работните активности што ги изведува Градот Скопје на територија на Општин Чаир, ќе ги реконструираме и другите улици што се во наша надлежност, рече Ганиу.

На прашањето до каде е Законот за Матка, упатено до градоначалникот Шилегов, тој рече дека законот е во процес на изработка, во соработка со Општина Сарај, со УНДП и со Министерството за животна средина.

– Јас инсистирам да спроведеме законско решение кое што нема да зависи од субјективната волја ниту на градоначилник на Град Скопје, ниту на градоначалник на Општина Сарај, туку да формираме една институција која ќе се грижи за одржување на Матка. Само уште го бараме соодветното решение, мислам дека ќе успееме да ги надминеме тие проблеми и дека потоа ќе можеме тој законски текст да го понудиме во Собранието на РСМ за донесување, рече Шилегов.

Прашан во какви односи е со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, Шилегов рече дека не чувствува оти има нарушено лични односи со него.

– Јас не чувствувам дека имам нарушено лични односи со градоначалникот на Општина Сарај, и не гледам зошто дури и доколку градоначалникот на Сарај смета дека тие односи се нарушени, не би продолжила инстиуционалната соработка во интерес на граѓаните во Општината што ја предводи. Јас Блерим се уште го чувствувам како близок човек, другар, работник со кој мора да соработуваме доколку сакаме да престане урбаното дивеење на Матка , рече Шилегов.