Свет
14. August 2015 - 8:47

Се породи 11-годишно девојче силувано од очувот

Девојче на возраст од 11 години од Парагвај се породи откако забременила по силување од нејзиниот очув и откако и било одбиено да абортира. Тој случај предизвика широки критики во таа држава за забраната на прекин на бременоста.

Директорот на болницата изјави за локални медиуми дека со царски рез е родено здраво девојче и оти се минало без проблеми.

Според парагвајските закони абортусот е дозволен само во случаи кога е загрозен животот на мајката. Во тој случај, Комисијата составена од лекари, психолози и судски претставници утврдиле дека животот на девојчето не бил загрозен.

Тоа предизвика силни критики на групите за човекови права и на ОН.

Очувот е уапсен и чека судење, а мајката е обвинета за немарност.

Во Парагвај секој ден се породуваат две девојчиња на возраст меѓу 10 и 14 години и тие случаи често се  поврзани со сексуално насилство. Според податоци на здравствените служби, околу 600 девојчиња помлади од 14 години забременуваат секоја година во Парагвај, држава со 6,8 милиони жители.