Се поизвесна нова блокада на Скопје во петок
Приватните превозници во петок најавуваат целосна блокада на Скопје. Доколку не им се исплатат парите сите двесте автобуси ќе ги паркираат на клучните раскрсници во градот, со што сообраќајот и за автомобилите и за јавниот превоз ќе биде целосно парализиран.
Од ЈСП нема одговор дали ќе им ги исплатат парите, но од град Скопје пак се децидни- долг кон приватните превозници нема.
Досега се исплатени 111 милиони на Слобода превоз и 45 милиони денари на Макекспрес согласно побарувања. Ако сметаат дека имаат и друго побарување, можат да тужат иако досега нема пристигнато ниту опомена пред тужба, ни тужба за овие побарувања до ЈСП. – велат од град Скопје.
Од министерството за локална самоуправа пак ќе се обидат да посредуваат да се изнајде решение.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторно со обвинувања на адреса на Арсовска- Скопје оставено без јавен превоз, а Ковачевски и Арсовска тајно се сретнуваат да се договараат за матни зделки.
Лицемерен е односот на Ковачевски и Арсовска околу проблемите во град Скопје, нивната тајна коалиција функционира за се, освен за решавање на проблемите на скопјани. Ковачевски и Арсовска го вратија Скопје 100 години назад. Секој нов ден Арсовска дава причина и оправдување плус зошто таа ја загуби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопјани не можат да се движат слободно, доцнат за работа, децата за училиште, буквално се е застанато. Арсовска наместо да го реши проблемот ги напаѓа превозниците и дрско се однесува со луѓето кои се сервис на Скопје 24/7.
Вчера во текот на целиот ден приватните превозници ја блокираа крстосницата кај Бит-пазар со што се создаде хаос во сообраќајот. За во петок се најавени уште порадикални блокади, ако не се исплати милионскиот долг кон нив. Приватните превозници побараа разбирање од граѓаните, велат бидејќи не нашле разбирање на мирен начин, ќе мора вака да си ги бараат парите за она што го сработеле.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар