Руте: Русија и нејзините сојузници се главната долгорочна закана за НАТО

Русија е сè уште главната закана за НАТО, а нејзината врска со Кина, Иран и Северна Кореја претставува еден од најголемите долгорочни безбедносни предизвици за Алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Русија е главната закана сега и на долг рок. Ја гледаме оваа луда војна на агресија против Украина, каде што (рускиот претседател Владимир) Путин е подготвен да жртвува 35.000 од својот народ, првенствено мажи од Русија кои се борат таму, кои Украина ги убива или сериозно ги повредува“, рече тој во интервју за агенцијата Анадолија.
Тој, исто така, предупреди дека воениот подем на Кина не треба да се потценува.
„Кина масовно гради своја војска, ќе има 1.000 нуклеарни боеви глави до 2030 година. Затоа, да не бидеме наивни во врска со Кина“, рече тој.
Руте рече дека самитот на НАТО, што ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара, ќе биде посветен на спроведување на претходно преземените обврски, зголемување на инвестициите во одбраната, поддршка на Украина и зајакнување на одбранбената индустрија на членовите на алијансата.
Тој нагласи дека сојузниците мора да ги исполнат договорите постигнати на минатогодишниот самит во Хаг, особено кога станува збор за зголемување на средствата за одбрана.
Според неговите зборови, во последните две години, европските членки на НАТО и Канада се обврзале на речиси 250 милијарди долари дополнителни инвестиции во одбраната.
„Навистина мора да го зголемиме производството во одбранбената индустрија, бидејќи тоа е составен дел од нашето одвраќање“, рече Руте, оценувајќи дека производствените капацитети сè уште не се доволни за потребите на Алијансата.
Тој нагласи дека НАТО мора да продолжи со поддршката на Украина, но и да ја зајакне сопствената воена индустрија и капацитети.
Руте зборуваше и за иднината на НАТО, наведувајќи дека концептот „НАТО 3.0“ подразбира посилна Европа во рамките на трансатлантската алијанса, со континуирано американско учество.
„НАТО 3.0 е различен од НАТО 2.0, каде што бевме премногу зависни од САД“, рече тој, додавајќи дека Вашингтон ќе продолжи да игра важна улога во европската безбедност, вклучително и нуклеарното одвраќање.
Тој оцени дека европската безбедност мора да остане заснована на широка трансатлантска рамка, која се протега „од Калифорнија до Анкара“, со вклучување на сите сојузници, вклучувајќи ги Турција, Норвешка, Исланд и Велика Британија.
Зборувајќи за нуклеарното одвраќање, Руте рече дека земјите од НАТО остануваат соодветно заштитени благодарение на можностите на САД и Велика Британија, како и на нуклеарниот потенцијал на Франција.
„Мислам дека кога станува збор за нуклеарната енергија, ние сме апсолутно добро заштитени“, заклучи Руте.
Самитот на НАТО во Анкара ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите-членки на Северноатлантската воена алијанса. Тоа е 36-ти самит на Алијансата и втор што ќе се одржи во Турција, по состанокот во Истанбул во 2004 година.
МИА
Ново на Сител
-

Пожарот кај Пробиштип сè уште активен, сите сили насочени кон Ратавица
-

Мерц возврати откако Трамп ги нарече „смешни“ одбранбените буџети на НАТО
-

МВР: Кривична пријава против три лица од Скопје за „насилство врз дете“ за нападот врз 14-годишник
-

Со возило ја урнал портата од домот на родителите на сопругата, скршил прозорец, па ја нападнал
-

Пожарот кај Исар во Штип под контрола, зафатени фотоволтаици кај Чардаклија
-

Сончев и ветровит викенд, од понеделник можен пороен дожд и грмежи
-

Две возила се судрија на патот Штип-Пробиштип, едно во обид да избегне пламени наноси преминало во спротивна лента
-

Во Франција за една недела починаа речиси 9.000 лица од екстремни жештини
