Свет
14. March 2018 - 20:59

Руско МНР: Лондон избра конфронтација со Москва

Британската Влада се одлучи за конфронтација со Русија со тоа што донесе одлука да не дејствува согласно воспоставените меѓународни формати во случајот на поранешниот полковник  од ГРУ (воена разузнавачка служба) Сергеј Скрипал, соопшти руското Министерство за надворешни работи на својата Интернет страница.

„Наместо да сопствена истрага, да ги активира воспоставените меѓународни формати и инструменти, вклучително и во рамките на Организацијата за забрана на хемиско оружје, за што бевме подготвени, британската влада направи избор во корист на конфронтацијата со Русија ", се вели во соопштението на руското МНР.

„Изјавата на британската премиерка Тереза Мај за казнени мерки против Русија под лажен изговор за некоја вмешаност во труењето на Скрипал и неговата ќерка е груба провокација без преседан која ги поткопува темелите на дијалогот меѓу нашите земји“, објави Министерството за надворешни работи.

Руското МНР уште соопшти дека мерките на Лондон за протерување на 23 руски дипломати ги смета за непријателски.

- Секако нема да изостанат соодветни контра-мерки“, се наведува во соопштението на руското Министерство.

Велика Британија ќе протера 23 руски дипломати поради случајот со труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал, соопшти денеска британската премиерка Тереза Меј во Парламентот. На руските дипломати им е даден рок од една недела да ја напуштат државата. Тоа е најголема мерка од тој вид во изминатите 30 години.

Британија ги прекинува сите билатерални контакти со Русија и го повлекува повикот до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да го посети Лондон.