Македонија
12. September 2016 - 13:45

Рудолф Шусетер избран за почесен доктор на науки на Универзитетот во Битола

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ со свечена академска церемонија денес во Битола го избра поранешниот претседател на Република Словачка Рудолф Шустер за почесен доктор на науки.

Во својата поздравна реч, Шустер потврди дека мотивирано ќе ја интезивира соработка на Битолскиот со универзитетите во Кошице и ќе помогне да се исправи историската неправда кон Македонија што се уште не е членка на Европската Унија.

- Го ценам чекорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола што одлучија да ми ја доделат титулата почесен доктор на науки. За мене Битола е многу значајно историско место и во наредниот период ќе ја интезивираме соработката со универзитетскиот град Кошице. Македонија е мала, но убава земја Македонија и Словачка се мали држави и им е многу потешко наспроти големите држави кои ни диктираат и ни кажуваат што да правиме. Ќе останам траен поддржувач на Македонија во нејзиниот пат кон Европската Унија. Македонија  има богата историја со многу значајни личности што многу и дале на Европа и затоа сметам дека историската неправда ќе се исправи и ќе помогнеме во текот на претседателствувањето на Словачка со Советот на Европа да ја збогатиме соработката меѓу двете држави, нагласи Шустер.

Според ректорот на УКЛО-Битола професор Сашо Коруновски, поранешниот словачки претседател во иднина ќе биде амбасадор и промотор на универзитетот но и на државата во евроинтеграциските процеси.

- Исклучителното богатото искуство и творештво на Шустер, водени од податокот дека станува збор за човек кој целиот свој живот неуморно работел на многу полиња каде притоа оставил трага во поновата историја беа само дел од мотивите за да му ја доделиме титулата почесен доктор на науки на УКЛО-Битола, истакна Ректорот Сашо Коруновски.

Доделувањето на признанието почесен доктор на науки на Рудолф Шустер има три димензии, првата е државничка, втората е поврзана со високообразовните вреднувања во Македонија со што европскиот духовен трезор е вреднуван од Универзитетот „Св. Климент  Охридски“-Битола на едно светско ниво, и третата димензија е естетичка димензија на духовната посветеност на Шустер на уметноста со сите негови истражувања, истакна промоторот Јордан Плевнеш на денешната свеченост во Битола.