Рубио: Трамп не е против НАТО, туку бара земјите членки да ги исполнат своите обврски
Американскиот претседател Доналд Трамп не е против НАТО, но е против Алијанса чии членки не ги исполнуваат обврските што ги имаат преземено, изјави денеска државниот секретар на САД, Марко Рубио пред почетокот на средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Пактот во Брисел, на која учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Никој не очекува да бидете способни да го направите тоа за година или две, но патеката мора да биде реална. Тоа е суровата вистина и подобро е да се каже сега, со цел да го подобриме и изградиме НАТО способен да ја брани територијата наште земји членки и да ја одврати секоја агресија врз било кого од нас, изјави Рубио, придружуван од генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.
Рубио оцени дека хистеријата оти „САД не го сакаат НАТО“ ја шират некои глобални, но и американски медиуми, но како што рече доказ за посветеноста на Вашингтон на Алијансата е и тоа што првото именување на нов амбасадор од страна на Сенатот под новата Администрација е токму на претставникот во Пактот, кој стапува на должноста од денеска.
– Претседателот на САД, Трамп беше јасен дека тој го поддржува НАТО и дека ние остануваме во НАТО. Тој тоа јасно го кажа, истакна Рубио, додавајќи дека и загинувањето на четворицата американски војници при воена вежба во Литванија е потсетник дека САД се дел од Алијансата, како што секогаш и биле.
Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, САД сакаат НАТО да биде посилен и поодржлив, а за да се оствари тоа американските партнери во Алијансата мора да ги зајакнат своите капацитети.
– Сфаќаме дека тоа не е лесно. Ние го правиме секоја година. Ве уверувам дека и ние имаме домашни потреби, но ставаме приоритет на одбраната поради улогата што ја имаме во светот и сакам истото да го прават и нашите партнери, рече Рубио.
Тој нагласи дека настаните од последните години, како војната во срцето на Европа, се потсетник дека се уште е потребен силен НАТО и затоа САД очекуваат секоја земја членка да издвојува до пет проценти од својот БДП за одбраната.
– НАТО мора да изрази јасна посветеност да изгради капацитети способни да се справат со заканите, додаде Рубио.
Руте од своја страна истакна дека знае оти САД се стожерот на НАТО, но таа посветеност доаѓа со очекувања европските сојузници и Канада да издвојуваат повеќе за одбраната, што и го прават имајќи предвид дека нивните одбранбени трошоци се зголемени за неколку стотици милијарди евра и долари, достигнувајќи најголемо ниво од завршувањето на Студената војна.
– Тоа е добра вест, но се уште мора да направиме повеќе, истакна Руте.
Тој додаде и дека европските земји членки на НАТО издвојуваат значителни средства и за воена поддршка на Украина и само во првите три месеци од годинава обезбедија 20 милијарди долари за да и помогнат на земјата да остане во позиција да се бори додека е потребно.
Ново на Сител
-
Средба на министерот Муцунски со комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос
-
Почина Инес, јагуарот од скопската ЗОО
-
247 санкционирани возачи денеска во Скопје, еден возач лишен од слобода за безобзирно возење
-
Тошковски: МВР ќе постапува против секој за кој постојат докази дека сторил кривично дело
-
Вучиќ верува дека следната недела ќе биде избрана новата влада во Србија
-
Папата Франциск неочекувано се појави на плоштадот Свети Петар и ги поздрави верниците на Цветници
-
Кривична за штипјанец, возел со 1.5 промили алкохол
-
Исчезнато 15-годишно девојче од скопско Кадино