Македонија
11. September 2016 - 14:14

Романскиот кинематографер Тудор Владимир Пандуру претставен на ИФФК „Браќа Манаки“

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ го претстави романскиот кинематографер Тудор Владимир Пандуру, кој на фестивалот во Битола се натпреварува со филмот „Дипломирање“.

Претставникот на романската продукција, еден од тамошните водечки кинематографери Пандуру дебитирал во 2014 година, а потоа бележи забрзан кариерен развој.

- Чест е да се биде на фестивалот што го слави нашиот занает и тоа многу го почитувам. Во мојата кариера почнав да работам како асистент кинематографер и снимател со познатиот романски кинематографер Олег Муту на неколку долгометражни и кратки филмови. Шансата што ми беше дадена мислам дека ја искористив, истакна Пандуру и дополни дека синоќешното отворање на фестивалот според него било многу моќно.

Претпладневната програма од денешниот фестивалски ден беше заокружена со мастер клас и разговор со Клер Пијман, кинематограферка и долгогодишна соработничка на Роби Милер, годинашниот добитник на златна „Камера 300“ за животно дело и со проекција на документарниот филм „Отпечаток на месечината“.