Македонија
2. November 2016 - 11:07

Романот „Забранетото кралство“ од Jан Слауерхоф објавен на македонски јазик

„Македоника литера“ од Скопје го објави на македонски јазик романот „Забранетото кралство“ од холандскиот писател Јан Јакоб Слауерхоф, во превод од англиски на Дарко Цветаноски. „Забранетото кралство“ (1931) е авантуристичко-психолошки роман во кој паралелно течат две приказни: таа на португалскиот национален поет Луис де Камоиш и на безимен бродски радиооператор од 20-тиот век.

- Преку спој на историска хроника, фикција и личен коментар, романот ги спојува двата навидум неповрзани живота. Слауерхоф го вовлекува читателот во импресивниот свет на егзотиката, предавството и прогонството, каде што се соединуваат минатото и сегашноста, а можната смрт никогаш не е далеку. Со формална неконвенционалност, елиптичен, елегантен и суптилен стил во неговиот самоуверен, но приземен поетски јазик, на читателот му се прикажани возбудливи морепловски авантури и фасцинантни главни ликови со комплексен и длабок карактер, информира издавачот. 

Јан Јакоб Слауерхоф (1898-1936) бил холандски поет, романсиер и преведувач. Се смета за еден од најзначајните писатели од холандското јазично подрачје. По завршувањето на студиите по медицина во Амстердам, се вработил како бродски доктор во компанија со дејност во Индонезија, која тогаш била под холандска власт. Најголемиот дел од својот живот го поминал во поморски патувања кон Азија и Далечниот Исток, како и до Латинска Америка и Африка. Во текот на 30-тите години на минатиот век, страдал од разни болести од кои и починал во 1936 година, на 38-годишна возраст.

- Иако пишува во времето на експресионизмот, неговиот опус е пред сѐ романтичен, со силни автобиографски елементи, незапирлива фантазија и копнеж кон далечни места, изразен преку поистоветување со скитници, истражувачи и пирати. Негови најпознати дела се стихозбирките „Архипелаг“, „Источна Азија“, „Елдорадо“, „Сатурн“, „Серенада“, „Гроб на честит морнар“ и романите „Забранетото кралство“ и „Животот на Земјата“. Во сите свои дела се потпишувал како Ј. Слауерхоф, наведува „Македоника литера“. 

„Забранетото кралство“ е прво дело на Слауерхоф преведено на македонски јазик.