Македонија
7. March 2016 - 11:47

Романот „Свежо обоено“ на Јосип Млакиќ, објавен на македонски јазик

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје излезе од печат романот „Свежо обоено“ на хрватскиот писател Јосип Млакиќ, во превод од хрватски јазик на Ленче Тосева.

За ова дело авторот минатата година ја доби највисоката книжевна награда во Хрватска „Владимир Назор“.

Во романот „Свежо обоено“ авторот Јосип Млакиќ го опишува тешкиот и опасен пат по кој една мајка и нејзината шестгодишна ќерка, пеш бегаат од едно мало место за време на воените дејствија во Босна. Само со малку храна и еден пиштол, тие тргнуваат во борбата за опстанок, додека мајката хранета со неизмерната љубов кон сопственото чедо, со сета сила се труди да го одбрани детето од надворешниот, нечовечен и суров свет, и да ја заштити неговата надеж во еден подобар и почовечен.

Јосип Млакиќ е современ босанско-херцеговски писател. Роден е во 1964 година во Бугојно. Дипломирал на Машинскиот факултет во Сараево. Живее во Горни Вакуф и се занимава со книжевност и пишување сценарија.

Ги објавил романите „Кога маглите ќе застанат“, 2002 г., „Живи и мртви“, 2002 г., „Полноќно сиво“, 2004, „Пци и кловнови“, 2006, „По трагата на змиската кошулка“, 2007, „Чувари на мостови“, 2007, „Луѓето што садеа дрвја“, 2010, „Планет Фриедман“, 2012, и збирките раскази „Куќичката на полжавот“, 1997, „Одраз во водата“, 2002, „Семејна слика“, 2002.

Добитник е на неколку награди за своето творештво. Романот „Живи и мртви“ во 2002 година му ја донесе наградата за најдобар необјавен роман. Истоимениот филм во режија на Кристијан Милиќ има освоено осум награди „Златна арена“ на Пулскиот филмски фестивал и многу други филмски награди.