Фудбал
15. May 2017 - 12:25

Родригез се сели во М. Јунајтед

Тригодишната епизода на Хамес Родригез во мадридски Реал полека завршува. Колубиското радио РЦН објави дека Хамес постигнал договор со Манчестер Јунајтед, а информацијата ја пренесоа речиси сите спортски медиуми во Шпанија и Англија.
 
Колумбискиот новинар Антонио Касал, инаку близок пријател со фудбалерот и неговиот менаџер Хорхе Мендеш (кој е и менаџер на тренерот на Јунајтед, Жозе Мурињо), тврди дека пред неколку денови Хамес и неговиот менаџер имале состанок со првиот човек на Реал, Флорентино Перез, за да му покажат понудите кои ги добива играчот од други клубови. На состанокот Хамес побарал предвремен раскин на договорот со Реал.
 
Клоумбиецот се очекува да се пресели во Манчестер Јунајтед, а сумата која клубот од „Олд Трафорд“ ќе ја плати за неговите услуги нема да биде помала од 50 милиони евра.
 
Хамес Родригез, неочекувано, беше најголемата ѕвезда на Светското првенство во Бразил во 2014 година. По Мундијалот, Флорентино Перез ја почувствува маркетиншката вредност на овој фудбалер и реши да го донесе во Реал. Клубот тогаш на Монако му плати 79,8 милиони евра на Монако.
 
Хамес стана третиот најскап играч во историјата на Реал, клубот повеќе платил само за Герет Бејл (100 милиони евра) и Кристијано Роналдо (94 милиони евра), а во фудбалскиот свет поголеми трансфери оствариле уште само Пол Погба (105), Гонзало Игуаин (90) и Луис Суарез (82,3).
 
На „Сантијаго Бернабеу“, Хамес Родригез пристигна како голема ѕвезда и играч кој треба да ја носи играта на Реал, но за три години не успеа да се наметне кај ниту еден тренер: Карло Анчелоти, Рафа Бенитез и Зинедин Зидан.
 
Откако не успеа да стане новиот Зидан, на раководните структури во клубот им стана јасно дека играчот мора да биде продаден. Иако Хамес не се откажа, туку трпеливо ја чекаше својата шанса, вистинска можност да се наметне како лидер во тимот не доби.
 
Играчот платен речиси 80 милиони евра во „Кралскиот клуб“ доби епизодна улога, а нешто поголема улога на теренот добиваше во дуелите со „помалите“ тимови.
 
Колумбиецот, во неделата, во победата на Реал над Севилја, 4:1, одигра 60 минути, а напуштајќи го теренот имаше емотивно простување со навивачите на „Сантијаго Бернабеу“.
 
Хамес Родригез за три сезони одигра 76 натпревари и постигна 28 голови.