Ристовски ја најави првата поголема капитална инвестиција во спортската инфраструктура
Министерот за спорт Борко Ристовски денеска беше во посета на Радовиш и заедно со градоначалникот на Ацо Ристов, на терен го означи стартот на реконструкцијата на спортската сала „25 Мај“, која е една од поголемите капитални инвестиции на Министерството за спорт за подобрување на спортската инфраструктура.
Со оваа инвестиција од 20 милиони денари ќе се врати стариот сјај на култната сала значајна за спортот во градот и во целиот регион, информираат од Министерството за спорт.
-Како ресорен министер во новото Министерство за спорт, ми претставува големо задоволство што денеска можам да ја најавам првата посериозна капитална инвестиција во спортската инфраструктура. Тоа е патот по којшто решивме да одиме – не може да бараме базичен спорт, уште помалку врвен спорт ако немаме основни услови за функционирање. Радовиш отсекогаш бил спортски град и вадел врвни спортисти и со задоволство го прифативме проектот на градоначалникот Ацо Ристов, за да успееме оваа култна сала да ја вратиме онаму каде што и е местото, повторно да биде место на големи спортски настани. Ова е инвестиција од 20 милиони денари со која ќе биде извршена комплетна санација на подот, на трибинскиот простор и на соблекувалните. Со реализацијата на овој проект ќе се врати сјајот на старата сала, но и желбата да се одржуваат што повеќе спортски настани во Радовиш, рекол министерот Ристовски.
Реконструкцијата на спортската сала во Радовиш треба да биде завршена до почетокот на наредната година.
-Мислам дека до крајот на годината или до почетокот на наредната година, санацијата ќе биде завршена и ќе можеме да ја пуштиме во употреба оваа култна сала којашто значи многу за спортот во Македонија, посебно за Радовиш и за неговите спортисти, посочил Ристовски.
Тој истакнал дека Министерството за спорт останува посветено на развојот на спортот и на обезбедување на распределба на средствата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ сите општини во земјата.
Владата минатиот месец потпиша договори со општините за реализација на 274 проекти за капитални инвестиции во вредност од 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот. Во областа на спортот беа потпишани договори во висина од 220 милиони денари за изградба и реконструкција на спортски сали, центри за спорт, рекреативни паркови и други објекти од спортската инфраструктура.
Ново на Сител
-
Забрана за движење на повеќе патни правци
-
„Вреди“ – Го обвини Груби дека стои зад инцидентите
-
Тема на денот со Максим Димитриевски, претседател на движење ЗНАМ
-
Ученици од „7 март“ со импровизирани пушки и униформи од УЧК на приредба за денот на албанското знаме, МОН утре најавува инспекции
-
Нема доволно згрижувачки семејства во државата
-
УХМР: Врнежи од дожд и снег ќе има и вечерва и утре наутро во некои делови од државата
-
Снежните врнежи предизвикаа проблеми
-
ПСС - Најчести интревенции на заглавени возила на Галичица