Резолуција за македонската култура, историја и јазик стигна во Американскиот Сенат
Американскиот Сенат ќе гласа Резолуција со кој септември би можел да биде прогласен за месец на македонско-американско наследство. Резолуцијата ја поднел републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, а со неа треба да се истакнат клучните придонеси и културното влијание на македонските Американци во САД.
Резолуцијата доаѓа на барање на Обединетата македонска дијаспора.
- Оваа резолуција го признава македонскиот јазик, идентитет, култура и историја на Македонците што живеат во САД. Токму септември е избран, едно поради тоа што е ден на независноста, но второ поради тоа што повеќето македонски фестивали во дијаспората се случуваат токму во септември. Оваа иницијатива на ОМД е серија на неколку настани и иницијативи, вели Мето Колоски, волонтерски претседател на ОМД.
Колоски вели дека сега, откако Сенатот ќе гласа за Резолуцијата, ќе мора да се работи за продлабочување на односите меѓу Скопје и Вашингтон. Според него, ова е прв чекор за подоцна Македонците да добијат повеќе права во САД.
- Исто тука треба Америка да ни овозможи влез без визи три месеци, како што прават за други држави од Балканот. Хрватска доби пред неколку месеци. Така што, тука е улогата на ОМД. ОМД работи за лобирање за да се продлабочуваат тие врски, не само на политичко ниво, но во развој на економијата за да ги задржиме младите.
Оваа Резолуција конечно ги стави на иста страна власта и опозицијата, но и двете најголеми партии си го земаа признанието дека оваа резолуција доаѓа благодарение на нив.
- Резолуцијата во американскиот Сенат да се слават македонскиот јазик, култура и историја е уште една потврда за успешноста на меѓународната политика на СДСМ и признание за конструктивната улога на Македонците во градењето на американското општество. По Резолуцијата во Германскиот Бундестаг со Резолуцијата во САД гордост е да се знае дека македонските јазик, култура и историја добиваат признанија и промоции насекаде низ светот, велат од СДСМ.
Поддршка за Резолуцијата дојде и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во САД, според проценките од ОМД, живеат околу половина милион Американци со македонско потекло.
Пред повеќе од еден месец Резолуција со која се дава поддршка за европската иднина на Македонија, но и признание на македонската култура, идентитет и јазик донесе и германскиот Бундестаг.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар