Македонија
25. December 2015 - 8:46

Ретроспективна изложба „Внатре... Томо Шијак (1930-1998)“

Ретроспективна изложба под наслов „Внатре... Томо Шијак (1930-1998)“ ќе биде отворена вечер во Даут-пашин амам. На изложбата ќе бидат претставени над 100 дела од творештвото на уметникот.

Томо Шијак е роден е 15. 03. 1930 година во Косово Поле, а детството го поминал во Добрево, Пробиштип, ја завршил Средната художествена школа во Скопје и заминал на студии во Љубљана. Имал повеќе самостојни изложби и студиски патувања во повеќе земји: Франција, Италија, Германија, Белгија, Швајцарија, Австрија, Велика Британија...

Неговите дела се наоѓаат во повеќе јавни институции, организации, музеи, галерии и приватни лица во земјата и странство: во Скопје, Белград, Загреб, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Куманово, Сараево, Подгорица, како и во Софија, Солун, Њујорк, Чикаго, Бостон, Торонто, Сиднеј, Лондон, Берлин, Нирнберг, Келн, Диселдорф, Солинген, Лајхлинген, Леверкузен, Братфорд, Торино, Рим итн.

Добитник е на наградите: Втора награда на Есенскиот салон во Бања Лука (1977), Нерешки мајстори на изложбата на ДЛУМ (1986), Орден на трудот со сребрен венец од Претседателството на СФРЈ (1986), Наградата „11 Октомври" за долгогодишни остварувања (1988).

Со групата „Мугри“, формирана во 1960 година изложувал во три наврати. Забележително е неговото активно учество на престижни манифестации и на суштествени поставки што презентираат прегледи на најзначајните достигнувања на македонската ликовна уметност кај нас, во регионот и во светските центри  и говорат за неговото вреднување од неговите современици и од следните генерации. Помеѓу преостанатите значајни претставувања се издвојува Биеналето во Венеција во 1978 година, кога Томо Шијак го изложува своето дело „Ден“ и „Ноќ“, заедно со Петар Хаџи Бошков и Душан Перчинков од Македонија, групата „Шемпас“ од Словенија, Иво Фришчиќ од Хрватска и Предраг Нешковиќ од Србија, како официјални претставници на СФРЈ на Биеналето во Венеција на тема „Од природата кон уметноста и од уметноста кон природата“.

На изложбата се презентирани дела од Националната галерија на Македонија, НУ Музеј на современата уметност - Скопје, Македонската академија на науките и уметностите, Собрание на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје, НУ Завод и Музеј - Куманово; Галерија „РА“, како и од голем број приватни сопственици.

Изложбата во Националната галерија на Македонија ќе трае до крајот на февруари следната година.