Свет
1. March 2024 - 8:07

Реториката на Путин е неодговорна, сметаат САД и Франција

Вашингтон и Париз синоќа ги нарекоа „неодговорни“ зборовите на рускиот претседател, кој го предупреди Западот на реалниот ризик од нуклеарна војна доколку испрати свои војници да се борат во Украина и рече дека Москва има оружје да нападне цели на Запад.

-Ова не е првпат да ја видиме неодговорната реторика на Владимир Путин. Вака не треба да зборува лидерот на земја со нуклеарно оружје, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Во говорот рускиот претседател му се обрати на Западот, велејќи дека „тие мора да разберат дека и ние имаме оружје што може да погоди цели на нивна територија.

Сето ова навистина се заканува со конфликт со употреба на нуклеарно оружје и уништување на цивилизацијата“.

Американскиот функционер потсети дека Вашингтон претходно комуницирал со Русија „за последиците од употребата на нуклеарно оружје“.

-Но, немаме знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, рече тој. Францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну вчера го повика Путин „да не биде неодговорен“.

-Внимателно слушав што кажа претседателот на Руската Федерација утринава. Кога претставувате нуклеарна сила, немате право да бидете неодговорни и да предизвикувате ескалација.

Рускиот претседател „зборуваше и за заканите кои доаѓаат од запад. Нема закани за Руската Федерација.

Тоа е говор кој се состои од глумење жртва и напад, а сите добро знаат дека Русија е агресор во Украина, им рече Лекорну на новинарите.