Балкан
15. February 2021 - 8:22

Рекордна победа на Самоопределување на парламентарните избори во Косово

 Досега опозициската косовска партија Движење самоопределување (ВВ), на чие чело е поранешниот премиер Албин Курти, на вчерашните вонредни парламентарни избори ја постигна досега најубедливата победа во историјата на независно Косово.

Партијата која на избори учествува од 2010 година, освои повеќе гласови од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) во времето на првиот претседател на повоено Косово, Ибрахим Ругова, пишува порталот „Коха.нет“.

Додека ЛДК на Ругова, кој во косовската јавност се нарекува „историски претседател“, на изборите во 2001 освои 45,7, а на оние во 2004 година 45,42 отсто, ВВ на вчерашните избори, според прелиминарните резултати, освои околу 48 отсто од гласовите, наведува порталот на медиумската групација „Коха“.

Во коалиција со партијата на Курти на овие избори беше независната листа на досегашната собраниска спикерка и вршителката на должноста претседател на државата, Вјоса Османи, која се одметна од матичната ЛДК откако таа партија минатата година ја презеде власта во земјата на тој начин што го урна кабинетот на Курти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, опонентите на Самоопределување, досега владејачката ЛДК, Демократската партија на Косово (ПДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК), кои во минатото беа најчесто носители на власта во земјата, на овие избори забележаа досега најслаби резултати од нивното постоење. Трите овие партии на косовсите Албанци кои обезбедија пратенички места во идното Собрание на Косово заедно освоија помалку од ВВ.

ЛДК, чија листа ја предводеше досегашниот премиер Авдулах Хоти, според досега обработените нешто повеќе од 91 отсто гласови, освои само околу 13,4 отсто – дури двојно помалку одошто на претходните избори во октомври 2019 година, кога на чело на изборната листа на ЛДК беше Вјоса Османи.

ПДК, партијата основана од доскорешниот претседател на државата Хашим Тачи и доскоро водена од Кадри Весели, обајцата некогашни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) кои од пред неколку месеци се наоѓаат во Хаг, каде што е започнат судскиот процес од меѓународниот суд за воени злосторства во војната од 1998-99 година во Косово, освои нешто повеќе од 17 отсто гласови. Оваа партија на овие избори ја водеше вршителот на должноста партиски претседател, некогашниот министер за надворешни работи, Енвер Хоџај.

ААК на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, според досега преброените гласови, има поддршка од помалку од осум отсто од гласачите, додека изборниот праг од пет отсто не успеа да го помине Социјалдемократската иницијатива (Нисма), партијата на Фатмир Лимај, која исто така досега најчесто учествуваше во власта.

Според косовскиот Устав, 10 пратенички места се гарантирани за претставниците на српската заедница и тие, како и досега, сигурно ќе ги освои партијата Српска листа (СЛ), која ја има отворената поддршка на официјален Белград и на српскиот претседател Александар Вучиќ. Од досега преброените гласачки ливчиња резултира дека СЛ освоила околу 85 отсто од гласовите во средините со мнозинско српско население, односно околу 4,5 отсто од вкупниот број на гласови на овие избори. Уште 10 пратеники места уставот им гарантира на помалите етнички заедници во земјата и засега нема информации кои субјекти ќе ги освојат истите.

Според проекциите на медиумите, засновани на прелиминарните резултати, ВВ  ќе освои меѓу 55 и 58 пратенички места во Парламентот, што значи дека и покрај убедливата победа сепак нема да може да формира влада без поддршка од друг политички субјект.

Носителите на листите на главните опоненти на ВВ, Хоти и Хоџај, доцна синоќа го признаа поразот, им честитаа на победниците и порачаа дека ќе дејствуваат како конструктивна опозиција. 

Досегашиот премиер Хоти ја презеде целосната одговорност за историски најслабиот резултат на неговата партија, а партискиот лидер Иса Мустафа, заблагодарувајќи му се на Хоти за „извонредната работа“ на изборите, најави „длабока анализа“ на состојбите во партијата и причините за слабиот резултат.

Лидерот на ААК, Харадинај, исто така му честита на ВВ за победата и рече дека резултатот на неговата партија е „во рамките на предвидувањата“.

Вчерашните, осми по ред парламентарни избори во Косово од осамостојувањето на земјата по војната со Србија во 1999 година, според оценката на Централната изборна комисија и на сите учесници и набљудувачи, се одржаа во деморатска атмосфера и поминаа мирно и без инциденти.

Правото на глас на овие избори, на кои учествуваа 28 политички субјекти, од кои 21 политичка партија, две коалиции и пет граѓански иницијативи, го искористија 46,9 отсто, односно околу 830 илјади од вкупно речиси 1,8 милиони граѓани со право на глас.