Бизнис
1. August 2017 - 9:33

Ребалансот на Буџетот од денеска пред Собранието

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе почне расправа за дополнетиот предлог ребаланс на Буџетот, што Владата го усвои на седница во петокот и го достави  до Собранието. 

Со дополнетиот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2017 се определуваат дополнителни 25 милиони денари по одредени ставки и се пренаменуваат финансиски средства согласно со потребите на буџетските корисници.

Вкупните расходи со ребалансот на Буџетот се проектирани на 203.312.000 илјади денари, приходите на 184.745.000 илјади денари, а дефицитот 18.567.000 илјади денари.

Целта на ребалансот на Буџетот е да се намалат непродуктивните трошоци и да се обезбеди простор за реализација на политиките на новата Влада.

Според предлагачот, се крати од ставките за службени патувања, рекламирање, службени патувања и економски презентации, со што се обезбедува простор за буџетирање нови мерки за поддршка на  граѓаните и фирми како што се минималната плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.

- Ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на намалување на приходите на основниот буџет согласно реализацијата во изминатите шест месеци и очекувањата до крајот на годината, рече министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението на предложениот ребаланс во матичната Комисија за финансирање и буџет.

Ставката за стоки и услуги е намалена за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција. Патните трошоци се намалени за 122 милиони денари, а другите тековни расходи за 258 милиони денари. Договорните услуги се намалени за 932 милиони денари, ако се гледаат без здравствените услуги преку Фондот за здравство.

Со ребалансот капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари, поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината. Но сепак, планираното ниво на капитални расходи со ребалансот, смета министерот, е значајно, ако се спореди со реализацијата во последните четири години, која никогаш не надминала 19 милијарди денари.

Со ребалансот дополнителни средства се предвидени од 1,2 милијарди денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението и 600 милиони денари за Фондот за здравствено осигурување за зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните.

Ребалансот обезбедува и средства за новите мерки и активности на Владата кои се во насока на директна поддршка на работниците и граѓаните за подобрување на нивниот животен стандард, како и поддршка на домашните претпријатија.

За активните политики и мерки како поддршка на вработувањето, со ребалансот на буџетот се планирани дополнителни 112 милиони денари, со што за оваа мерка се проектирани 667 милиони денари. Реализацијата на активните политики и мерки како поддршка на вработувањето во претходните години во просек е половина од сегашната проектирана сума.

- Со ребалансот се обезбедија средства за зголемување на минималната плата, за решавање на статусот на стечајните работници од периодот на приватизацијата, за укинување на радиодифузната такса и многу други проекти кои се од суштинско значење за граѓаните. Алоцирани се дополнителни 1,2 милијарди денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, за 600 милиони е зголемен Фондот за здравствено осигурување. Околу поддршката на домашната економија, покрај субвенциите за минимална плата, тука се и 135 милиони денари за малите и средни претпријатија и домашните гринфилд инвестиции, како и 60 милиони денари за домашниот туризам, истакнуваат од Министерството за финансии.

Предвидено е и субвенционирање на Македонската радио телевизија со укинување на радиодифузната такса и ослободување на граѓаните од оваа јавна давачка и поддршка за ИПА проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во периодот на предпристапување, како и поголема искористеност на европските фондови.

Економскиот раст со ребалансот е ревидиран на 2,2 проценти, а буџетскиот дефицит на 2,9 проценти од БДП или 18,57 милијарди денари.

На предложениот ребаланс во Собранието беа поднесенио над 800 амандмани, а од нив во расправатана Комисијата за финансирање и буџет беа разгледани 62 амандмани и ниту еден не беше прифатен. Од Министерството за финансии посочуваат дека за секој од нив било дадено образложениет зошто не се прифаќа. - Сакаме да им се заблагодариме на пратениците за исцрпната работа и коментарите поврзани со секој од амандманите. Како и за критиките и замерките кои секако ќе бидат земени предвид во креирањето на буџетот за 2018 година, како прв буџет на новата Влада, посочуваат од Министерството за финансии.