Македонија
17. August 2020 - 14:57

Реакција на МЗ: Секоја земја има свој пристап во евиденција на починати лица од Ковид-19

Министерството за здравство реагира на текстот објавен на порталот на Сител со наслов „КОВИД-19: Македонија на европскиот врв според смртноста од корона вирусот“ во кој е пласирана еднодневна статистика на починати на милион жители за 16 август во Република Македонија и споредба со Црна Гора и Романија за истиот датум. Ваквата статистика е како индикатор епидемиолошки несоодветна.

Во однос на информацијата дека Македонија е во топ 10 во Европа според бројот на починати на милион жители, Министерството за здравство во многу наврати информираше дека не може да се прават вакви споредби од причина што секоја земја има свој пристап во евиденција на починатите лица од ковид-19.

Уште еднаш потенцираме дека од самиот почеток поставивме стратегија во која на сите пациенти коишто починале, вклучително и на оние кои немале симптоми на ковид-19, ќе им биде земен брис. Со ова, вирусот е пост мортем детектиран кај повеќе пациенти кои починале примарно од друга болест, но се покажале и позитивни на вирусот. Тие сите влегуваат во статистиката на починати од коронавирус.

Ова не го прават сите земји и заради тоа значително варира смртноста кога се споредува истата меѓу земјите.

Од првиот момент сметаме и целосно сме уверени во исправноста на оваа стратегија затоа што на овој начин се изолираат контактите на починатиот и се превенира понатамошно ширење на епидемијата.

Во однос на следењето на состојбата со сите заразни заболувања, вклучувајќи го и Ковид-19, епидемиолошки и статистички се битни релевантни индикатори како што се инциденца, морталитет, леталитет. Според изјаштајот на Институтот за јавно здравје во однос на Ковид-19, вкупните индикатори на 16 август 2020г. во Република Македонија се следни: леталитетот (процент на починати од заболени со Ковид-19) изнесува 4.3%, морталитетот (број на починати на 100.000 жители) е 26,2, додека инциденцата (заболени на 100.000 жители) е 613,2 лица.

Министерството за здравство редовно и транспарентно информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а Институтот за јавно здравје во континуитет објавува детални анализи и извештаи. Министерството за здравство останува отворено за соработка со медиумите за сите информации кои им се потребни за адекватно информирање на јавноста.