Бизнис
31. July 2020 - 9:59

Развојната банка ја повлече првата половина од 50,9 милиони евра за евтините кредити за домашните компании

 Развојната банка на Македонија АД Скопје денеска ја повлече првата половина од 50,9 милиони евра за евтините кредити за домашните компании.

Петтата транша од кредитната линија ЕИБ фаза 5, која ја користи Развојна банка, е во износ од 25,6 милиони евра, а е одобрена за 105 различни проекти на домашни компании. Пласманот на средствата од оваа транша се одвива преку шест комерцијални банки со кои Развојна банка има склучено договор за оваа кредитна линија.

Овие 105 проекти треба да поддржат вработување на 145 лица, соопшти Развојната банка.

Најголем дел од овие средства, 40 отсто или 10,2 милиона евра се одобрени за проекти во секторот производство. Дваесет и два отсто од средствата или 5,7 милиони евра се одобрени за секторот трговија, додека 16 проценти или четири милиони евра се одобрени за проекти во секторот угостителство. За секторот транспорт се одобрени средства во износ од 2,1 милиони евра или осум отсто, додека за секторот здравство и секторот услуги се одобрени средства од 0,6 милиони евра. За други сектори се одобрени вкупно 2,3 милиони евра или девет проценти.

Во текот на август ќе бидат повлечени од ЕИБ и остатокот од расположливите средства во износ од околу 25,3 милиони евра, во една или повеќе транши.

Досега, од кредитната линија ЕИБ фаза 5 која изнесува 100 милиони евра се повлечени пет транши во вкупен износ од 74,7 милиони евра со кои се поддржани 251 проект на домашни компании со кои се вработуваат 629 лица.