Македонија
20. December 2019 - 15:09

Разрешена директорката на СУГС Никола Карев, учениците тргнаа на протестен марш

Градоначалникот Шилегов донесе решение за разрешување на директорката на гимназијата Никола Карев во Скопје, а по објавената снимка каде што Горица Илиовска на насобраните ученици во холот на гимназијата се заканува со последици врз учениците, доколку истите излезат на протест против загадувањето и глобалното затоплување.

Градот Скопје им укажува на сите раководители на своите институции дека во својата секојдневна работа треба да ги исполнуваат принципите според кои се избрани како почитувањето на правото на слободно мислење, правото на протест и демократскиот натпревар на идеи. Оваа градска администрација стои зад сечие право на протест и слободно мислење и во неа нема место за закани кон средношколците и нивното демократско право на собир и протест.

Правото на здрава животна средина е неприкосновено право, исто како и правото да се протестира за истото. Битката против климатските промени и за чистиот воздух мора да биде заедничка, на институциите, но и на граѓаните. И не само декларативна, туку и конкретна. Институциите да предначат, а граѓаните со свој пример да учествуваат во неа. Само така, таа битка може да ја добиеме сите заедно токму заради иднината на нашите млади.

Пред малку учениците од ова скопско училиште лоцирано во Лептокарија тргнаа на протестен марш кон Владата каде се очекува да се сретнат со своите соученици од другите скопски училишта и заедно да протестираат за почист воздух во главниот град. 

За денеска во 17 часот пред Министерството за животна средина е закажан уште еден протестен марш против загадувањето – Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!, кој ќе се одржи во организација на Зелен фронт, Зелена Револуција.

-Во исчекувања на првиот рок за исполнување од нашите над 100 барања – 31.12.2019, #ЗеленФронт на здружени над 40 граѓански движења, иницијативи, организира втор протестен марш, во петок, 20-ти декември. Времето и маршутата остануваат исти од претходниот марш. 17:00 пред Министерството за животна средина, крајна цел: пред Влада. Остануваме на улиците за да ги потсетиме на нашите барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт, кое не смее да чека повеќе ниту момент, е вели во објавата за протестот.